Најнов број Насловна
Број 1583    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Безбедносните сили во кумановските села бијат битка за секоја куќа

ВО БОРБИ КАЈ РАДУША
Разбиена терористичка група на Жеден
Полициска патрола нападнала група од 40 терористи, а по неколку минути хеликоптер ја разбил групата

Еден албански терорист бил убиен, а еден ранет во судир со патрола на македонската полиција во близина на скопското село Радуша, дознаваме од полициски извори. Инцидентот се случил кога патрола од четворица полицајци од станицата во тоа село открила група од околу 40 албански терористи вкопани над селските гробишта, во подножјето на планината Жеден. Македонските полицајци веднаш отвориле оган врз терористите, кои во тоа време се одморале. Во пукотницата бил убиен еден терорист, а еден бил ранет. Терористите жестоко возвратиле на нападот на полицајците, кои поради силниот митралески оган морале да се повлечат. Полицајците повикале хеликоптерско засилување по радиоврска. Во 19.10 часот хеликоптерска единица ги разбила терористите низ планината Жеден. Полицајците од станицата во селото Радуша велат дека нивни патроли неколкупати регистрирале терористички групи во подножјето на планината Жеден, но оти не можат да ги нападнат и да го исчистат реонот бидејќи немаат доволно оружје.

- Во нашата станица има доволно луѓе што можат лесно и брзо да се справат со терористичките групи во овој дел од Жеден. Ние имаме само автоматско оружје и немаме ниедно оклопно возило. Ако ни дадеа барем два оклопни транспортери, досега сигурно немаше да има албански терористи во овој дел. Ние ги знаеме терористите бидејќи тие се жители на околните села - велат во станицата во Радуша. Полицајците информираа дека вчера жените, децата и старците од селата Рашче, Радуша, Кондово, Орашје и Дворце масовно се иселиле од своите домови и заминале кон Косово. На преминот Јажинце вчера околу 300 лица од тие скопски села ја минале границата и се упатиле кон југословенската покраина.

Терористите од Арачиново вчера неколкупати стрелаа на позициите на полицијата околу селото. Претпладнето терористите со снајпер стрелаа од селскиот стадион кон пункт на полицијата, а силите за безбедност одговорија на огнот. Пожестоки престрелки со снајперско и автоматско оружје имаше во 10.45 часот и во 11.30 часот. Напладне терористите од Брњарци со снајперски оган ја нападнаа бензинската станица. Околу 15 часот почна престрелка, која траеше половина час. Нема повредени припадници на македонските сили за безбедност.

На кумановскиот фронт вчера беше релативно мирно. Првпат по 50 дена, предминатата ноќ терористите не ги напаѓаа позициите на силите за безбедност.


Дејан Николовски Игор К. Илиевски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани