Најнов број Насловна
Број 1585    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Во жестокото гранатирање на Арачиново беа вклучени повеќе единици за борбени дејства

НАЈЖЕСТОКА ОФАНЗИВА НА МАКЕДОНСКИТЕ СИЛИ ВО АРАЧИНОВО
Терористите развеаја бели знамиња
Тројца полицајци загинаа, а 17 беа ранети во тридневните борби против терористите во Скопско

Македонските сили за безбедност вчера во 14 часот ја запреа досега најжестоката акција во Арачиново, која почна во петокот. По три дена жестоки напади од здружените воено-полициски сили, терористите вчера околу 13,20 часот истакнаа бели знамиња и побараа да им се предадат на единиците на НАТО. Силите за безбедност во петокот ја почнаа офанзивата на Арачиново, чија цел беше елиминирање на терористите во реонот. Според неофицијални извори, педесетина терористи загинале во вчерашната акција на македонските безбедносни сили, а за околу 200 ранети побарале лекарска помош.

Вчера напладне македонските здружени сили за безбедност го изведоа досега најжестокиот напад во четиримесечната воена криза. Со координирани дејства на здружените воено-полициски единици во реонот, силите за безбедност изведоа напад со десетици артилериски орудија од неколку позиции во Скопско, со повеќецевни ракетни фрлачи од типот "Оган", борбени хеликоптери и со оклопно-механизирани единици. Вчерашните борбени дејства се интензивираа по 9 часот, со дејството на борбените хеликоптери. Борбите траеја цело утро, но околу пладне станаа најжестоки во петмесечната воена криза. Во 12,12 часот повеќецевни ракетни фрлачи стрелаа на позициите на терористите северно од селото, а веднаш потоа артилеријата жестоко ги гранатираше упориштата во куќите на северниот крај на селото. Во 12, 30 часот снајперистите од двете страни отворија брз жесток оган во источниот дел од Арачиново. Веднаш потоа два борбени хеликоптера МИ-24 уништија терористичкото снајперско гнездо и уште неколку позиции на терористите. Шест хеликоптери петнаесетина минути имаа борбени налети над селото. Два хеликоптера "МИ-24" гаѓаа цели во селото, потоа два хеликоптера "МИ-17" и "МИ-8" нападнаа и само по неколку минути повторно дејствуваа два хеликоптера "МИ-24". Кога хеликоптерите завршија со налетите над селото, артилеријата повторно дејствуваше со неколку десетици орудија во реонот. Артилериската стрелба заврши во 12,55 часот. Оттогаш до 14 часот од селото само неколкупати се слушнаа рафали од лесно пешадиско оружје.

Според полициско-армиски извори, веднаш по жестоката акција на безбедносните сили на некои куќи се појавиле бели знамиња, како знак на предавање. Дознаваме дека терористите вчера околу 14 часот побарале од командата на НАТО да прекине дејството на македонските сили. Терористите прифатиле да им се предадат само на единиците на НАТО. Македонскиот државен врв наредил прекин на огнот до 16 часот, по што во Арачиново влегоа џипови на ОБСЕ, КФОР, Европската набљудувачка мисија и на неколку амбасади.

Силите за безбедност во саботата зазедоа речиси половина од Арачиново. Со постојани борби, специјалните единици на војската и полицијата напредуваа од запад, од правец на Скопје, а од источна страна во селото навлегоа армиските оклопно-механизирани единици. Борбените хеликоптери "МИ-24" неколкупати ги нападнаа позициите на терористите, а напредувањето на копнените сили беше со силна артилериска поддршка. Новите борбени авиони на македонското воено воздухопловство, ловците-бомбардери "Су-25". во саботата неколкупати го надлетаа реонот во извидувачка мисија. До затворањето на денешниот број на весникот во Арачиново владееше примирје.


                                                                Игор К. Илиевски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани