Најнов број Насловна
Број 1585    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Солана стигна во "Белви" на средба со Бучковски и со Бошковски

ВЧЕРА НА ПЛАДНЕ
Солана ја прекина акцијата на македонските безбедносни сили во Арачиново
Планот на еврокомесарот предвидувал НАТО, ОБСЕ и Меѓународниот црвен крст да организираат повлекување на терористите во Липково

Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, вчера попладне изврши огромен притисок врз македонското раководство да ги запре борбените активности во Арачиново и да им дозволи на терористите да го напуштат селото.

Тој предложил план за повлекување на терористите од Арачиново, кој предвидувал екстремистите да заминат уште вечерта, дознаваме неофицијално. При повлекувањето, албанските терористи со себе требало да го понесат и оружјето, но и сите ранети и загинати. Целта, според нашите извори, е Арачиново комплетно да се испразни. "Големата преселба" на терористите е во организација на НАТО, ОБСЕ и Меѓународниот црвен крст, кои со автобуси ќе ги пренесуваат терористите најверојатно до Липково, бидејќи членовите на ОНА не сакале да бидат префрлани на Косово. "Доколку им се рече дека ќе ги носат на Косово, никој нема да сака да влезе во автобус", вели нашиот извор. Во Липково, меѓународните организации требало да се ослободат од понатамошната одговорност за ранетите терористи.

Веднаш потоа, според истите извори, во Арачиново треба да влезат припадници на МВР, кои ќе воспостават целосна контрола врз селото и со тоа ќе ја отстранат опасноста што му се закануваше на македонскиот главен град.

Согласноста од македонските власти за ваков потег, според нашиот извор, не значи дека акцијата во Арачиново не успеала. Засега се уште не се знае колку време ќе трае прекинот на огнот, но сигурно е, велат дипломатски извори, дека тоа важи само за Арачиново, а не и за другите кризни региони во земјата. Пред заминувањето од Македонија, Солана вчера посакал уште еднаш да се види со претседателот Трајковски за да му каже колку е задоволен од прекинот на огнот.

- Мислам дека тоа е многу важен чекор, а одговорноста е на двете страни - изјави вчера Солана. Прекинот на огнот, според Солана, има и хуманитарен карактер и дава можност да се продолжи да се работи за земјата што е определена за мир и за продолжување на политичкиот дијалог за да има мир, стабилност и просперитет.

За возврат, Солана и вети на Македонија поддршка.

- Можете да бидете сигурни дека меѓународната заедница и ЕУ секогаш ќе бидат со вас, ќе се обидеме да ви помогнеме бидејќи сакаме да имате европска перспектива - порача Солана пред македонскиот Парламент. Важно е дека по вчерашниот напорен ден сите покажале големо чувство на одговорност, како што рече самиот, потврдувајќи ја својата теза дека "војната нема победник".

Во вчерашната "турнеја" на Солана низ Скопје, тој успеа да го посети и мотелот "Белви" на излезот од Скопје, каде што се сретна со министрите за одбрана и за внатрешни работи, Владо Бучковски и Љубе Бошковски и со началникот на ГШ, генералот Панде Петровски. Вчера имаше шпекулации дека Солана можеби ќе влезе во Арачиново, но наместо него тоа го сторија претставници на НАТО и на ОБСЕ. Неофицијално, во "Белви" се разговарало за утврдување на маршрутата по која ќе се извлекуваат терористите.

- Се надевам дека прекинот на огнот е само прв чекор и дека ќе продолжи дијалогот. За ова придонесоа и двете страни. Со ова е отстранета непосредната опасност по Скопје - рече тој.

                     Жана П. Божиновска  Бранко Ѓорѓевски
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани