Најнов број Насловна
Број 1586    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Жестоката акција на македонските безбедносни сили ги принуди терористите да се предадат

ПО ЖЕСТОКАТА АКЦИЈА НА АРМ и на МВР
НАТО и ОБСЕ ги извлекоа албанските терористи од Арачиново
Под силен притисок на меѓународната заедница, Владата дозволи терористите да го напуштат селото и да заминат во липковскиот регион

Терористите од Арачиново вчера со автобуси го напуштија селото и заминаа кон кумановското село Липково. Евакуацијата на терористите, за кои се претпоставуваше дека се околу 500, почна по 17 часот. Албанските терористи од Арачиново побараа да се повлечат откако македонските сили за безбедност завчера ја изведоа најжестоката воена акција досега. Под силен притисок на меѓународната заедница, Владата дозволи терористите да го напуштат селото и да заминат во липковскиот регион. Во преговорите за повлекување посредуваше Питер Фејт, специјалниот пратеник на САД за Балканот, кој ја разоружуваше ОВПМБ во јужна Србија.

Дипломатски извор вчера изјави дека извлекувањето на терористите од Арачиново е аранжман на Владата, која била единствена во ставот да им дозволи на терористите да си одат, а меѓународната заедница само помага во спроведувањето на планот.

- Тоа е добар аранжман. Нам не ни е цел да ја спречиме победата на македонските сили за безбедност, туку да спречиме крвопролевање. Македонската Влада и се посвети на целта терористите да го напуштат Арачиново. Тоа ќе се случи. Ова е само друг начин, но начин на кој се спасуваат животи - вели изворот, кој инсистираше да остане анонимен. Тој смета дека извлекувањето на терористите ќе биде прв чекор во наоѓањето политичко решение за кризата.

- Потоа треба да се вратиме на планот на претседателот Трајковски. Ако престане дијалогот, луѓето ќе бараат алтернативно решение на кризата - смета изворот.

Операцијата за извлекување на терористите ја набљудуваа НАТО, ОБСЕ и Мисија на Европската Унија. Се проценува дека Арачиново треба да го напуштат околу 300 терористи и околу 200 жители на селото што им помагале. Меѓу терористите, поделени во фракции, има арачиновци, косовци, платеници и муџахедини. Откако терористите ќе заминат на безбедно, македонските здружени сили за безбедност ќе почнат да ги проверуваат околу две илјади куќи во селото и постепено ќе воспостават контрола над Арачиново. Според дипломатски извори во селото има околу 500 цивили, главно старци. Во селото немало жени и деца.

Командантот Хоџа за странски медиуми изјавил дека се во постојан контакт со претставници на НАТО, дека побарале во Арачиново да влезат претставници на меѓународната заедница за да се уверат каква е ситуацијата во селото и дека очекува повлекувањето да се врши во текот на една недела. Условите на т.н. ОНА за да го напуштат Арачиново беа при повлекувањето да го земат оружјето и да останат во селата на кумановскиот регион.

Вчера НАТО обезбедени 15 автобуси и 2 камиони за евакуација на терористите. Конвојот го придружуваа две возила на македонската полиција, кои според договорот требаше да одат до последните позиции на силите за безбедност.

Според извори од АРМ, терористите не биле подготвени да им се предадат на македонските безбедносни сили и било договорено нив да ги преземат НАТО и ОБСЕ. Терористите барале транспортот да го изврши приватен превозник, кого самите го посочиле, но тој од безбедносни причини одбил. НАТО прифати да го организира транспортот на терористите. Тие побарале да заминат со приватни возила, но безбедносните сили не се согласиле, за да се спречи намерата да изнесат поголемо количество оружје.

Терористите имаат големи загуби, но одбиле нивните ранети да бидат лекувани во македонски болници. Тие предминатата ноќ побарале еден од ранетите команданти, познат под прекарот Волк, да биде префрлен во американската база Бонд стил на Косово и синоќа било направено тоа. Командантот Волк бил погоден во главата и е во критична состојба. Извори од македонските сили за безбедност тврдат дека против него ќе биде покрената законска постапка, како и против сите други терористи.


                       Игор К. Илиевски  Жана П. Божиновска


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани