Најнов број Насловна
Број 1586    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Илинка Митрева изложена на жестоки критики во Луксембург

ЕУ разочарана од потезите на властите во Македонија
Брисел се заканува со санкции и испраќа посредник
ЕУ засилено ќе посредува во процесот на дијалогот преку својот специјален пратеник Франсоа Леотар, кој ќе учествува во преговорите и, ако е неопходно, ќе ги наметнува европските одлуки

Ако не дојде до вистински прекин на огнот на целата територија на Македонија и ако во најкраток можен рок не се дојде до конкретни резултати во реформите, процесот на ратификација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација ќе биде доведен во опасност, а ЕУ ќе ја укине финансиската помош за нашата земја. ЕУ одлучи засилено да посредува во процесот на дијалогот преку свој специјален пратеник, кој ќе учествува во преговорите и, ако е неопходно, ќе ги наметнува европските одлуки. Ова е суштината на вчерашната порака на министрите за надворешни работи на ЕУ што во Луксембург расправаа и за кризата во Македонија.

"Штом Солана ќе си замине од Скопје, власта прави погрешен чекор. Сето тоа личи на потценување на авторитетот на Солана и на ЕУ, која тој ја претставува", вели висок европски дипломат што присуствувал на политичкиот дијалог меѓу европските министри за надворешни работи и нивната македонска колешка Илинка Митрева, која во Луксембург отиде за да поднесе извештај за ситуацијата и да ја оправда акцијата на македонските безбедносни сили во Арачиново, која сериозно ја налути ЕУ.

"Европската страна е разочарана зашто ние денес очекувавме извештај за напредок во политичките преговори и подобрување на правата на албанското малцинство. Очекувавме резултати од реформскиот процес. За несреќа, ништо од тоа не се случи. Напротив, безбедносната ситуација во Македонија се влоши. Наша порака е дека веднаш мора да има прекин на огнот, дека нема воено решение, дека двете страни мораат да донесат едногласна одлука за политички реформи што е можно побрзо", изјави претседавачката на министерскиот совет, шведската министерка Ана Линд.

Министерката Митрева одговори дека е малку претерано да се рече дека нема никаков напредок во дијалогот затоа што, вели таа, "договоривме специјална програма за застапеност на Албанците во државната администрација, а е договорен и процес за децентрализација во локалната самоуправа". Според Митрева, во однос на промените во Уставот планот на Трајковски предвидува ново читање на Преамбулата, што значи граѓански карактер на Уставот. Во однос на употребата на албанскиот јазик, таа смета дека тоа ќе биде регулирано низ новиот закон за локална самоуправа, кој треба да се донесе. "Од неделата", рече Митрева, "има прекин на огнот, а дијалогот во Скопје продолжува в понеделник попладне".

ЕУ именува специјален пратеник за Македонија. Се очекува официјална потврда дека сите петнаесет земји-членки се согласиле тоа да биде поранешниот француски министер за одбрана Франсоа Леотар. Негова задача ќе биде да биде присутен на преговорите и, во домените во кои ќе се јават проблеми, да наметнува свое решение претходно разгледано и анализирано од страна на експерти како Робер Бадинтер или Макс ван дер Штул.

"Неговите понуди за решение на проблемот не се обврска, меѓутоа ќе бидат еден вид понуда што е тешко да се одбие", ни вели европски дипломат.

"Со ова ЕУ презема поактивна улога во преговорите што е сигнал за квалитативна промена во динамиката од наша страна. До првата евалуација, која се очекува за кратко време, треба договор за најтешките прашања како на пример Преамбулата на Уставот. Околу албанскиот јазик очекуваме меѓународна експертиза и претпоставуваме дека дискусијата ќе биде тешка. Досегашната политичка работа ги идентификуваше проблемите. Сега треба да се тргне кон нивно решавање", ни вели добро информиран европски извор.

Резултатот од вака стокмените преговори потоа ќе треба да биде презентиран пред ЕУ, најверојатно веќе на 15 јули во Брисел. Ако нема резултати, ЕУ се заканува дека ќе ја укине финансиска помош за Македонија. Австриската министерка Бенита Фереро-Валднер ја предупредила Македонија дека отсуство на договор ќе ја забави ратификацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Еврокомесарот Крис Патен отворено изјави дека во земја што купува оружје не можат да се спроведуваат мерки за градење доверба, како што предвидува планот на претседателот Борис Трајковски. Европската комисија неофицијално најави дека во нејзините каси има сума од 50 милиони евра за 2001 година, кои Македонија би можела да ги добие.


Светлана Јовановска


 - Наша дописничка од Брисел


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани