Најнов број Насловна
Број 1587    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Револтираните граѓани не сакаа да ги слушаат зборовите на министерот Љубен Бошковски

ПРОТЕСТИ И ПУКОТНИЦИ ПРЕКСИНОЌА ГО ПОТРЕСУВАА СКОПЈЕ
Полицајци и граѓани гневни од "предавството во Арачиново" протестираа пред Парламентот
Причина за протестот беа одлуката за прекин на воената акција во Арачиново, евакуацијата на терористите и последните постапки на државниот врв и на ЕУ во справувањето со кризата

Повеќе илјади граѓани и припадници на македонските безбедносни сили прексиноќа насилно влегоа во Собранието на Македонија протестирајќи поради одлуката за прекин на воената акција во Арачиново, евакуацијата на терористите и поради последните постапки на државниот врв и на ЕУ во справувањето со кризата. За време на протестот беа искршени најголем дел прозорци на зградата на Парламентот. Најтешко помина министерот за внатрешни работи, Љубе Бошковски, кој се обиде да ги убеди протестантите да се разотидат бидејќи воената акција ќе продолжи. Тој беше удрен со неколку тупаници и гаѓан со разни предмети. Неговиот службен "мерцедес" и придружното возило "крајслер" целосно беа демолирани. Шефот на државата Борис Трајковски, премиерот Љубчо Георгиевски и лидерите на парламентарните политички партии што во тоа време имаа средба итно ја напуштија зградата на Собранието.

Револтираните припадници на безбедносните сили и граѓаните на Трајковски и на Георгиевски им поставија услов во рок од 30 минути да им се обратат зашто во спротивно повеќе нема да им се признава легитимитетот. "Оставки", "Предавство", беа најчести извици при споменувањето на имињата на премиерот и претседателот. Најголемите оштетувања биле направени на влезната врата, предворјето, неколку сали за состаноци, кабинети и на ресторанските простории на Собранието. Дел припадници на безбедносните сили својот револт го изразувале со пукање во воздухот.

Спонтаниот протест на стотина жители на Арачиново од македонска националност прерасна во масовен излив на револт откако им се придружија припадниците на безбедносни сили. Арачиновци претходно имаа средба со Борис Трајковски, каде што побараа да им се изградат нови живеалишта.

- Ние таму веќе не можеме да се вратиме. Нас не избркаа довчерашни комшии - Албанци. Дојдоа вооружени и рекоа веднаш да бегаме. За нас мора да се најде решение - изјавуваа тие.

Во исто време пред Собранието пристигнале припадниците на полицијата од полициската станица во Автокоманда што учествувале во битката во Арачиново. Тие биле вооружени со пиштоли и автомати и барале да им се објасни зошто морале да ја запрат пресметката со терористите и да ги пропуштат да заминат со оружје во липковскиот регион.

- Две недели ги држевме опколени, два дена водевме жестока борба, навлеговме во селото и по тешки борби успеавме да ги опколиме и веќе почна да се предаваат. Тогаш дојде наредбата да го прекинеме огнот. А сега треба да ги обезбедуваме и да ги евакуираме во автобуси со клима-уреди и со оружјето со кое пукале во нас - изјавуваа револтираните полицајци.

По нив, на местото на протестот периодично почнаа да пристигнуваат и припадниците на резервниот и на активниот полициски и армиски состав од различни единици. Револтот почна да кулминира меѓу 21-22 часот, кога меѓу протестантите се прошири веста за убиството на еден полицаец и ранувањето на тројца негови колеги во Тетовско.

Извиците "Дајте ни оружје", "Предавство", "Оставки, оставки", "Борис - предавник", "Љубчо - предавник", "Бранко - Шиптар", "Трајковски, не плукај по гробовите на македонските полицајци", "Македонско име нема да загине"... ги следеа насилното кршење на главните собраниски врати, собранискиот хол, канцелариите. Речиси сите стакла на прозорците на Парламентот беа искршени со камени. Неколку протестанти се повредија при кршењето на стаклата. Потешко поминал известувачот на Би-би-си, кој бил нападнат од протестантите и добил потрес на мозокот, како и новинарката на "Македонија денес", која била удрена со камен во главата.

Во тој период почна да пристигнуваат околу 200 војници на АРМ, како и други полициски единици. Лидерот на МААК-Конзервативна Страшо Ангеловски во еден момент се обиде протестот да го искористи за партиски маркетинг, но учесниците не го дозволија тоа.

Протестантите околу полноќ побараа да заминат кон полициските станици во градот, каде што доброволците ќе земат оружје. Меѓутоа, благодарение на присебноста на водачите на протестот, тоа не беше направено.

- Ние не смееме да го направиме тоа без дозвола на раководствата, не смееме да дозволиме протестот да излезе од контрола - рекоа тие.

Во тој период се навестуваше можноста на граѓаните да им се обратат поранешниот претседател Киро Глигоров и архиепископот на МПЦ г.г. Стефан, како личности што со својот авторитет би можеле да ја смират вжештената атмосфера. Околу 2 часот по полноќ веќе немаше опасност од нови инциденти, освен што протестантите при заминувањето скршиле неколку излози во продавниците во Градскиот трговски центар.

                                                       (Б.Ѓ. - Ж.П.Б. - И.К.И.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани