Најнов број Насловна
Број 1595    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Ќе имаат ли можност војниците да читаат за мир?

МАКЕДОНСКИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ СИЛИ И ОНА ПОТПИШАА ОДДЕЛНИ ИЗЈАВИ ЗА ПРИМИРЈЕ
Од полноќ прекин на огнот!
ОНА се согласила да биде разоружена од силите на НАТО, кои ќе влезат во Македонија веднаш откако политичките лидери ќе соопштат дека постигнале договор во политичкиот дијалог

Една минута по полноќ во ноќта меѓу 5 и 6 јули се очекуваше да стапи во сила сеопфатен прекин на огнот меѓу македонските безбедносни сили и албанските терористички групи, откако завчера и вчера македонската страна и ОНА потпишале одделни изјави со НАТО. Доколку до 15 јули партиските лидери на четирите политички партии во земјава објават дека е постигнат напредок во политичкиот дијалог, во Македонија веднаш ќе влезат околу три илјади војници на НАТО за да ја разоружаат ОНА. Процесот на разоружувањето и на распуштањето на ОНА најверојатно ќе почне во текот на третата недела од месецов и ќе заврши во август.

- Прекинот на огнот не значи и завршување на кризата, но создава предуслови во мирна атмосфера да продолжи процесот на интензивираните политички разговори. Разоружувањето на албанските терористички групи ќе придонесе за воспоставување целосен суверенитет на територијата на РМ - соопшти вчера владиното Координативно тело за справување со кризата.

До договорот за прекинот на огнот дојде откако претставниците на НАТО и на ЕУ потпишаа два одвоени договора со претставниците на македонските безбедносни сили и со политичкиот претставник на ОНА, Али Ахмети. Потписите на договорот прексиноќа во Призрен ги ставиле претставникот на НАТО, Питер Фејт, и политичкиот водач на ОНА, Али Ахмети. Со овој документ "вооружените групи под команда на Ахмети безусловно се согласуваат да бидат разоружени и распуштени". Во име на македонската страна договорот со претставниците на НАТО и ЕУ го завериле началникот на Генералштабот на АРМ, Панде Петровски, и генералот на МВР, Ристо Галевски. Извори во НАТО соопштија дека Фејт претходно до двете страни во име на генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, испратил писмо во кое го истакнал значењето на прекинот на огнот, како услов за доаѓањето на силите на Алијансата. Примирјето, инаку, ќе биде надгледувано од претставници на ОБСЕ и на други европски надгледувачи.

- Сега е многу битно да биде постигнат напредок во политичкиот дијалог кај шефот на државата. Прекинот на огнот обезбедува добра атмосфера за тоа. Лидерите на четирите политички партии до средината на месецов ќе треба да соопштат дека постигнале договор за промените, чија реализација ќе следува набрзо во следниот период. Меѓународната заедница ќе врши силен притисок да се случи тоа - изјави вчера министерот за одбрана, Владо Бучковски.

Засега, се уште не е прецизирано дали донесувањето на уставните и законските промени ќе оди паралелно со разоружувањето на ОНА или прво да се заврши со разоружувањето, а потоа да следува политичкиот процес.

Разоружувањето на припадниците на ОНА ќе го спроведуваат три илјади војници од 15 земји-членки на НАТО. Командантот на овие сили најверојатно ќе биде од Британија. Припадниците на ОНА оружјето ќе го оставаат на 15 пункта, кои ќе бидат определени на подрачјето на Тетово, кумановско-липковскиот регион и најверојатно во подрачјето на Радуша. Постои можност да бидат отворени и други пунктови во западниот дел од земјава.

- Мандатот на силите на НАТО ќе биде стриктно ограничен на 30 дена. Во тој период тие ќе го собираат оружјето, кое подоцна ќе биде уништено во некоја друга земја. Најверојатно, тоа ќе се изврши во Бугарија. Се уште има дилема дали на предавањето на оружјето ќе има униформирани претставници на македонските безбедносни сили или тие ќе бидат во цивилна облека - рече Бучковски.

Припадниците на терористичките групи откако ќе го положат оружјето самите ќе можат да решат дали ќе заминат на Косово или ќе останат во Македонија. Процената за тоа, сигурно, ќе ја засноваат на тоа дали им се заканува опасност од кривично гонење. Припадниците на НАТО ќе ги придружуваат разоружените терористи до границата со Косово, а оттаму ќе ги преземат силите на КФОР.

- Дилема е дали има гаранции дека сите терористи ќе сакаат да го положат оружјето. Али Ахмети на Питер Фејт му гарантирал дека сите тие се под негова контрола. Но, доколку некои групи одбијат да се разоружат, македонските сили ќе имаат право да ги уништат - изјави министерот Бучковски на вчерашната прес-конференција.

Тој тврди дека и ако се појават такви групи, тоа нема да предизвика промена во мандатот на силите на НАТО, односно дека не е можно тие да се претворат во "сили за разграничување". Таква намера, имено, може да се препознае во случај да продолжат воените дејства на некои "непослушни групи" терористи. Во македонската Влада наведуваат дека помал број провокации, кои би се случиле во нередниве денови, ќе претставува сигнал дека Али Ахмети има поголема контрола на теренот. Инаку, Ахмети не е на списокот на лицата што би можеле да бидат амнестирани.

Договорот предвидува претставниците на НАТО и на ОБСЕ први да влегуваат во селата што ќе ги напуштат терористите. Македонската полиција ќе ја преземе контролата врз нив и ќе ги открива евентуалните складишта во кои би можело да биде сокриено оружје на терористите.

Изјавата за прекин на огнот од македонска страна советникот во Кабинетот на Трајковски, Стево Пендаровски ја опиша како "неопходен прв чекор, кој мораше да се направи ако сакаме да стигнеме до завршните фази на планот на претседателот за надминување на кризата и за разоружување на терористичките групации". Тоа ќе значи и намалување на притисокот врз партиските лидери во водењето на политичкиот дијалог, изјави советникот на Трајковски за национална безбедност, Никола Димитров.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани