Најнов број Насловна
Број 1596    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Во селото останавме само мажите: Жители на Лешок

ВООРУЖЕНИ БАНДИ КРСТОСУВААТ ПО ШАРА
Терористите го сардисаа Лешок, селаните сами се бранат
Ако е продаден однапред овој дел на Македонија, нека ни кажат, чарето сами ќе си го бараме, велат огорчено жителите на Лешок

Околу 200 жители на тетовското село Лешок, утврдени кај Лешочкиот манастир, два дена храбро ги одбиваат жестоките напади на албанските терористи, кои го опколиле ова населено место и сакаат да го окупираат. Самоорганизираните жители, кои се вооружени и со автоматски пушки, деноноќно стражарат на само дваесетина метри од позициите на терористите. Според лешовци, најжестоки биле борбите во ноќта меѓу четвртокот и петокот, кога терористите од четири страни цела ноќ со вкрстен оган пукале кон селото. Повредени нема.

- Полицијата дојде и ни подели оружје и муниција. Рекоа дека ќе мора да се снаоѓаме како што знаеме и умееме. И покрај жестоките борби со бандитите, досега ниеден од нас не е повреден. Предминатата ноќ терористите двапати го нападнаа Лешок. Пукаа од селата Варвара, Брезно, Слатино и од Непроштено. Неколку часа бевме во вкрстен оган. Пукотниците траеја до вчераутро. По престанокот на борбите, вчера околу 11 часот двајца албански терористи се појавија кај селското Кале и го скршија крстот, кој ние таму го поставивме пред неколку месеци. Калето е на само педесетина метри од Лешочкиот манастир. Овде ќе останеме до крај. Ова е наша земја и нема да дозволиме никој да ни ја земе. Ќе се бориме се додека има душа во нас. Семејствата ги испративме кај свои роднини во Скопје и други градови - велат жителите на селото Лешок.

Тие се револтирани од односот на македонските власти оти ги оставиле сами да се борат против терористите.

- Ако е продаден однапред овој дел на Македонија, нека ни кажат. Чарето сами ќе си го бараме. Кога беше мирно, големците од Владата секоја недела правеа гезмиња во ресторанот кај Лешочкиот манастир. Сега не жртвуваат за предавничките интереси - разочарано зборуваат лешовчани

Македонската полиција вчераутро ги отстрани барикадите на патот Тетово- Јажинце, кои завчера ги поставија албанските терористи. Сообраќајот по патот значително е намален, бидејќи полицијата не ја гарантира безбедноста. Автобусите редуцирано сообраќаат по овој пат од безбедносни причини.

Во ноќта меѓу четвртокот и петокот со минофрлачки оган била нападната полициската станица во селото Теарце, кое се наоѓа на 500 метри од Лешок. Во исто време од куќите во селото, во кои живее албанско население, било пукано со автоматско оружје.

Во Тетово најжестоки борби имало кај селото Лавце, каде што се распоредени артилериски единици на АРМ. Борбите во овој реон траеле до 2 часот вчера. По престанокот на борбите во Тетово, терористите од Шар Планина ги провоцирале македонските сили за безбедност со поединечни истрели. Припадниците на војската и на полицијата не возвратиле на провокациите. Додека траеле нападите на терористите во четвртокот попладне врз Тетово, жители на градот од албанска националност пукале со автоматски пушки во воздух со намера да го заплашат населението, тврдат тетовци.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани