Најнов број Насловна
Број 1597    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
МАКЕДОНСКИ БЛОК ПАРТИИ И ЗДРУЖЕНИЈА ВО ТЕТОВО
Итно да се ослободат шесте окупирани села во Тетовско

Итно ослободување на шесте села што ги окупираа терористите, отстранување на параполициските пунктови на т.н. ОНА и ослободување на сите комуникации, создавање услови за нормално снабдување со вода во Тетово, а на Попова Шапка со струја и објавување на интегралниот текст на договорот за прекин на огнот - се барањата што во вчерашното соопштение ги постави блокот македонски партии и здруженија од Тетово.

Тие бараат итно да се ослободат селата Сетоле, Отуње, Јадоарце, Брезно, Варвара и Јелошник и да се вратат протераните жители, на кои ќе им биде гарантирана безбедноста.

- Етничкото чистење во шесте македонски села, обидите тоа да се стори во уште десетина села под шарскиот регион во кои живеат Македонци, формирањето параполиции на тнр. ОНА, кои прават обиди за демаркирање на територијата во која ќе вршат ефективна контрола, притисокот на кој е подложен градот, не даваат повод за оптимизам кај Македонците во тетовскиот регион - се вели во соопштението.

Блокот македонски партии и здруженија го оценија договорот за прекин на огнот како "недоволно обмислен чин, кој може, а и веќе се покажува како штетен по македонското население во тетовскиот регион". Тие бараат целосно ангажирање на Координативното тело за справување со кризи, на ОБСЕ, Мониторингот на ЕУ, Меѓународниот комитет на Црвениот крст, амбасадите на САД, Британија, Германија, Франција, Руската Федерација и на другите влијателни земји во исполнувањето на нивните барања.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани