Најнов број Насловна
Број 1609    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Дали КФОР извршил таен хеликоптерски десант на Шар Планина?

ТАЈНИ ДЕСАНТИ каЈ шипковица и бродец
Хеликоптер на КФОР испуштил мистериозен товар на Шара
Портпаролот на КФОР, мајорот Бери Џонсон, вчера за "Дневник" изјави дека хеликоптерот што му припаѓа на германскиот контингент воопшто не го нарушил воздушниот простор на Македонија

Транспортен хеликоптер на КФОР од типот "чинок" завчера попладне околу 17 часот без најава слетал во реонот на шарпланинското село Шипковица, кое е под контрола на албанските терористи, и оставил контејнер со непозната содржина, по што се вратил на Косово, соопшти вчера Министерството за одбрана. Петнаесет минути по првиот мистериозен лет, хеликоптерот на КФОР повторно извел слична "десантна" операција, овојпат во реонот на селото Бродец, во месноста Дрвен Венук. Откако го оставил товарот, во 17.40 часот хеликоптерот се упатил кон косовското село Вешала.

"Дневник" дознава дека додека лебдел над селото Шипковица, хеликоптерот направил чадна завеса и тогаш го испуштил контејнерот. За овие две нарушувања на воздушниот простор на Република Македонија, како и за мистериозниот товар што го истоварил хеликоптерот, македонското Министерство за одбрана побара официјално објаснување од командата на КФОР на Косово.

Портпаролот на КФОР, мајорот Бери Џонсон, вчера за "Дневник" изјави дека хеликоптерот на КФОР воопшто не го нарушил воздушниот простор на Република Македонија.

- Хеликоптерот е на германскиот контингент војници од бригадата "југ" на КФОР. Тој леташе во близина на македонско-југословенската граница, но само во делот на Косово. Негова задача беше да пренесе опрема за потребите на предавателот што се германските војници го градат на косовска територија во близина на Еребино. Предавателот се гради за потребите на комуникациските врски на КФОР на Косово. Информациите што се појавија во македонската јавност дека хеликоптер на КФОР испуштил контејнер со непозната содржина во селото Шипковица се неточни - рече мајорот Џонсон.

"НАТО целосно ги поддржува независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и не им дал никаква поддршка на вооружените етнички албански групи", се вели во вчерашното соопштение на заднинскиот Штаб на КФОР на Косово.


Дејан Николовски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани