Најнов број Насловна
Број 1610    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

НАТО гарантира дека неговите хеликоптери не се вмешани во валкани работи

СПОРЕД БЕЗБЕДНОСНИ ИЗВОРИ
КФОР признал дека слетал хеликоптер во Шипковица, но оти носел релејна станица
Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, му гарантирал на претседателот Трајковски дека не се случиле нелегални летови

Висок воен офицер на КФОР завчера признал дека хеликоптер на нивните сили сепак двапати слетал во Шипковица и во Бродец, во саботата попладне меѓу 16 и 17 часот и оставил товар, дознаваме од високи извори од безбедноста. Притоа, според нашите извори, офицерот на КФОР изјавил дека била спуштена релејна станица, а не "контејнер со непозната содржина", како што објави Министерството за одбрана. Изворите велат дека во тоа време областа била надлетувана од авионите на македонското воздухопловство и бил забележан отсјај токму на "спорното" место.

Дипломатски извори од Брисел, пак, тврдат дека на Шипковица во саботата се работело за мисија на Питер Фејт, специјален претставник на НАТО, кој остварува контакти со албанските терористи. Хеликоптерот на КФОР при првото слетување оставил контејнер со детектори за мини, а при второто слетување го оставил Питер Фејт.

Фејт бил донесен со хеликоптер од безбедносни причини, бидејќи на тој терен има поставено голем број нагазни мини, велат изворите од Брисел.

Македонското Министерство за одбрана останува на ставот дека хеликоптерот на КФОР без да ги информира македонските власти навлегол во воздушниот простор на Македонија. Министерството тврди дека има докази оти таква акција е регистрирана.

Претходно КФОР соопшти дека во споменатите два наврата Мултинационалната бригада Југ на Косово ги користела своите хеликоптери за да воспостави сигнална радио-релејна станица меѓу Еребино и Призрен од косовска страна на границата и дека хеликоптерите не навлегле во воздушниот простор на Македонија.

Вчера претседателот Трајковски разговарал со генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, за нелегалните летови и спуштања на хеликоптери на КФОР на територијата на Македонија. Лордот Робертсон дал гаранции од своја страна дека не се случиле такви летови, соопшти кабинетот на претседателот.

Во неделата се одржале и средби на претставници на КФОР со претставници на Министерството за одбрана и било решено да се формира заедничка комисија што ќе го испита целиот случај. Дотогаш двете страни остануваат на своите тврдења.

Претставници на НАТО велат дека во саботата и во неделата се вршеле проверки на теренот и тврдат дека се се случувало многу блиску, но од другата страна на границата. И дипломатски извори во Скопје имаат ист став - дека случајот бил од другата страна на границата. Во врска со тврдењата од Министерството за одбрана тие изјавуваат дека МО нема докази и дека се работи само за изјави од очевидци. Дури даваат објаснување дека "ако прават нешто нерегуларно, сигурно тоа нема да го прават среде бел ден, туку ноќе" и повторуваат дека не ги поддржуваат албанските екстремисти.

Во врска со вториот случај на надлетување на хеликоптер на КФОР над резиденциите на претседателот и на премиерот на Водно, високи извори од НАТО изјавија дека "се лути на обвинувањата од Министерството за одбрана, бидејќи тие се неосновани".

- Хеликоптерот на КФОР со британски ознаки ги пренесуваше телата на загинатите посматрачи на ЕУ и за тоа беше информирана македонската Влада - изјавија дипломатски извори.

Целата акција доцнела неколку часа затоа што доцнела дозволата за прелет од македонската Влада до која било испратено барањето, велат изворите. Инаку, тоа не е вообичаена маршрута и височина на која летаат хеликоптерите на КФОР. Причина за исфрлањето на светлечките ракети е реагирањето на системот за самозаштита на хеликоптерот на инфрацрвена радијација. Нашите извори изјавија дека сите хеликоптери што се ангажирани на Балканот задолжително мора да имаат такви системи за самозаштита што автоматски се активираат. Но, во случајот над Водно никој не знае на што се активирал системот и инцидентот се уште се испитува. Воени експерти не ја исклучуваат можноста системот намерно да бил наведен. Тие велат дека активирањето можело да биде предизвикано и од оружјето што го има обезбедувањето во резиденциите на претседателот Трајковски и на премиерот Георгиевски, но во близина се наоѓаат и резиденции и амбасади на други држави - САД, СРЈ...

- Досега немало никаков проблем со прелетувањата на хеликоптерите на КФОР - изјави директорот на Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба Миле Манолев. Според него, КФОР секогаш уредно ги пријавувал надлетувањата и полетувањата и од странство и во Македонија.


Жана П. Божиновска


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани