Најнов број Насловна
Број 1611    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

НАСИЛНО ПРОТЕРАНИТЕ ТЕТОВЦИ ВЧЕРА ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ПАРЛАМЕНТОТ
Терористите вршат етничко чистење на Македонците
Тетовци бараат Владата да поднесе оставка и да се прогласи вонредна состојба

Албанските терористи од вчера почнаа систематска кампања за чистење на Македонците во дваесетина села што гравитираат на патот Тетово-Јажинце. Претставник на Министерството за одбрана изјави за "Дневник" дека станува збор за нова тактика на терористите. "Тие од вчера помалку пукаат врз македонските безбедносни сили, а со жестока закана ги протеруваат Македонците од тетовските села на потегот од Тетово до Јажинце". Околу 500 Македонци од Тетовско протерани од нивните домови вчера протестираа пред Собранието во Скопје при што побараа Владата да си поднесе оставка и да се прогласи вонредна состојба за "да се спаси државата".

Нема живи да излезат оттука се додека не ни ги вратат домовите. До вечер ќе гори Парламентот. Бадијала ли загинаа нашите деца, Македонци. Ќе ја урнеме целата зграда. Овде има повеќе полиција отколку во целиот тетовски регион. Ги чуваат предавниците, оние што смислено ја испраќаат војската и полицијата во сигурна смрт. Грев е ова што ни го прават - во плач изјавуваа протераните од тетовските села.

Во селата Глоѓи, Ратае и Доброште вчера влегле албанските терористи и на мештаните-Македонци им дале ултиматум до пладне да ги напуштат своите домови. Ситуацијата била драматична и во селото Жилче, а етничкото чистење се спроведувало и во Теарце. Според изјави на очевидци, на локалното македонското население при евакуацијата им помагале посматрачите на ОБСЕ. Тетовските села Шипковица и Бродец веќе подолго време се под контрола на албанските терористи и се непристапни за македонските безбедносни сили. Исчистени се и населбите во Тетово, Дреновец 1 и Дреновец 2.

Прексиноќа биле протерани речиси сите жители-Македонци од селото Непроштено, во чии куќи албанските терористи вршат грабежи. Истото се случило и во селото Лешок, каде што живеат исклучиво Македонци, а каде што сега речиси веќе нема жители. Албанските терористи влегле во селото и извршиле терор и протерување на македонското население. На приодот до ова село, како што велат протераните селани, го нема и полицискиот пункт крај патот Тетово-Јажинце, со што Лешок е препуштен на албанските терористи.

Градоначалникот на селот Вратница, Тони Коцевски, вели дека жителите од таа општина вчера не отишле на работа и се отсечени од албанските терористи, кои во групи се концентрирани на патот Тетово - Јажинце, околу селото Одри. Комуникациски се отсечени и со селата Рогачево, Ново село и Беловиште.

Околу 500 протерани Македонци од тетовските села Лешок, Непроштено и Теарце, со солзи во очите и вчера навалија врз барикадите и полицискиот кордон пред македонското Собрание и го запоседнаа просторот, решени да останат таму се додека државата не им ги врати куќите окупирани од албанските екстремисти.

Растревожените и гневни Македонци двапати се обидоа да го пробијат живиот полициски штит од пред вратите на Парламентот, за да се пресметаат со "шверцерите што им ја продадоа западна Македонија на терористите". Дожд од камења, шишиња и други предмети летаа кон прозорците и кон вратите на Собранието. Пцости и закани беа упатени кон "Војводата Георгиевски и другите предавници". Во еден момент масата се затрча кон главниот влез на Парламентот при што беа искршени прозорците од вратата. За среќа не дојде до инцидент со припадниците на МВР. Полицајците со смирувачки зборови успеаја да ги одвратат селаните од својата намера и привремено ја смирија толпата.

Во меѓувреме, тетовци нападнаа и каменуваа комби со ознаки на КФОР, еден џип со странски регистарски таблички и едно цивилно возило. Беше оштетено и едно возило марка "ауди" со тетовски регистарски таблички, најверојатно возило на ПДП. Толпата се растури на повеќе групи и ги блокира сите влезови во Парламентот.

Некои од нив бараа итно да се формира Македонски национален фронт за спас на Македонија.

- Вонредна состојба и борба до последна капка крв. Само така ќе го решиме проблемот. Вооружените Албанци не се луѓе. Тие не се вистински Албанци, ниту се вистински муслимани. Тоа се кучиња на војната. Ѕверови што во моментов вршат геноцид и ги ограбуваат нашите вековни огништа. Бараме од Владата итно да поднесе оставка, Собранието да се распушти и да се воведе вонредна состојба. Подготвени сме со крв да го платиме данокот што предавниците го побараа од нас - изјавуваат селаните на Лешок, Теарце и од Непроштено.

Лешочани, кои повеќе од две недели ги одбиваат нападите на терористите, велат дека завчера биле принудени да се повлечат од селото.

- Не гаѓаа од сите страни. Рафалите не престанаа цел ден. Фрлаа и со минофрлачи. Постојано баравме помош од полицијата. Ветија дека ќе испратат засилување, но не дојдоа. Снема муниција. Оставивме по еден куршум да се застреламе за да не не фатат и живи да не дерат. Околу 19 часот завчера, се повлековме - зборуваат лешочани. Тие велат дека родителите на загинатиот Ѓоко Лазаревски вчера побарале помош од ОБСЕ да им помогне за да го погребаат својот син во родниот Лешок. Селаните зборуваат дека е запален и дел од вековниот и легендарен Лешочки манастир.


Емил Зафировиќ  Биљана Илиќ


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани