Најнов број Насловна
Број 1612    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

"Од дома нe избркаа комшиите, вооружени со автомати, иако со нив до вчера делевме добро и зло"

Терористите продолжија со ЕТНИЧКОТО ЧИСТЕЊЕ во тетовско
Протерани повеќе од 30.000 Македонци

Најмалку 30 илјади Македонци од Тетово и и околните села, бегајќи од теророт на албанските банди, во последниве неколку дена ги напуштија своите родни огништа и се раселија во Скопје и во други градови низ земјава. Само вчера Полог го напуштија најмалку 10.000 Македонци. Македонскиот Црвен крст на пунктот на влезот во Скопје, кај селото Сарај, вчера евидентирал повеќе од 2.000 возила со тетовски регистарски таблички. Во секое возило имало најмалку пет лица, а во Скопје влегле и десетина автобуси преполни со луѓе. Околу 300 раселени тетовци вчера се сместија во хотелот "Пелагонија" во Скопје. Некои од револтираните граѓани одбиваат да се сместат каде било и инсистираат да се вратат во своите домови.

Семејства со бебиња и малолетни деца, бремени жени, стари и изнемоштени лица и вчера го напуштаа Полог. Од вчера забрзано се празни и градот Тетово, како и селата Брвеница, Јегуновце и други. Селата Рогачево, Вратница, Старо Село и Беловиште се отсечени и месното население оттаму може да се евакуира единствено со хеликоптери.

- Бегаме од албанските терористи. Од куќата во Лешок не избрка довчерашен колега и пријател на мојот сопруг, со кој цели 25 години делевме добро и зло. Дојде со автоматско оружје кај нас дома и ни се закани дека мора да заминеме од селото. Тој е Албанец и тоа никогаш не ни пречело, се до вчера. Не успеавме ни алиштата да ги земеме и сега чекаме како социјални случаи да ни доделат помош - раскажува вчера една жителка на Лешок, мајка на три малолетни деца. Тие од прексиноќа се сместени во хотелот "Пелагонија" во Кисела Вода, каде што вчера се пријавиле повеќе од 30 семејства од Тетово, Лешок, Непроштено.

Според изјавите на месните жители, во Непроштено има околу 160 македонски куќи, во Лешок околу 400 куќи, а во Теарце живееле околу илјада Македонци. Во Брвеница живеат околу 10.000 жители од македонска националност

Незадоволството кај македонското население од Тетово и околината е огромно бидејќи тие се принудени да бегаат пред пушките на албанските бандити, а малобројните припадници на силите за безбедност не можат да ги заштитат, раскажуваат тетовци со солзи во очите.

Мажите се враќаат да ги чуваат своите домови, оставајќи ги жените, децата и постарите лица кај роднините и пријателите низ земјава.

- Ги оставив жената и децата кај роднини во Скопје. Се враќам во своето село Јегуновце за да се обидам да сочувам барем дел од она што цел живот се мачам да го создадам. Завчера многу се потресов кога видов како албанските бандити извршија насилно иселување на Македонците од селата по должината на патот Тетово-Јажинце. Терористите вчера се приближија и кон Јегуновце. Тие утврдуваа свои позиции кај пругата Скопје-Тетово, која е оддалечена од иселените села под Шара околу два километри, раскажува педесетгодишен жител на Јегуновце, трогнат од очајната ситуација на македонското население во овој дел од Македонија.

Хотелот "Пелагонија" во скопската населба Кисела Вода од завчера е привремен дом на раселените лица од Тетовско. Во текот на целиот ден таму пристигнуваа жители на Тетово, Лешок, Непроштено. Некои само со патна торба, или со обично ќесе, а некои доаѓаа без никаков багаж. Активисти на Црвениот крст на Македонија вчера ги евидентираа раселените и им доделуваа потврди за здравствена заштита.

- Во хотелот има место за 500 лица. Обезбедена е храна, хигиенски средства и беби-пакети, но немаме доволно постелнина - велат надлежните.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст вчера делеше хуманитарна помош во хотелот. На прашањето што прават активистите на оваа организација за да ги извлечат жителите што се заробени во Теарце и други села, Аник Бовие вели:

- Имавме повици од Непроштено, Лешок и Теарце. Пративме четири екипи, но од безбедносни причини, тие не успеале да влезат. Единствено тимот влезе во Теарце, од каде што евакуиравме пет Македонци и Албанци. Нашиот мандат е да работиме да се задоволат најитните потреби на луѓето - вели Бовие.


Љубица Балабан  Дејан Николовски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани