Најнов број Насловна
Број 1612    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ЗА ДА ЗАПРЕ ЕТНИЧКОТО ЧИСТЕЊЕ
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат да се прогласи воена состојба

На Македонците што на брутален и геноциден начин се протерани од своите вековни огништа треба да им се овозможи веднаш да се вратат во своите домови, а безбедносните сили треба да ги употребат сите средства за да им обезбедат мирен и безбеден живот, се вели во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, издадено по вчерашниот координативен состанок на пратениците од оваа партија.

"За да се оствари ова, повторно укажуваме на можноста за прогласување воена состојба во државата, преку која ќе се ангажира целокупниот човечки, материјален и воен потенцијал за одбрана на земјата. Со таа постапка ќе се создаде потенцијал од над 130.000 војници што ќе бидат ставени во функција на поставената цел", сметаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие оценуваат дека досега немало прекин на огнот, туку постојано освојување македонска територија и етничко чистење од страна на албанските терористички банди. "Капитулантски звучи барањето состојбата да се врати на позициите од 5 јули 2001 година. Напротив, инсистираме состојбата да се стави под контрола на институциите на македонската држава и да се воспостават целосен суверенитет и уставно-правен поредок над целата територија на Република Македонија", се вели во соопштението.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара Собранието да одржи итна седница, најдоцна до петок, на која ќе се расправа за политичко-безбедносната ситуација во Македонија и ќе се донесат конкретни заклучоци за излез од кризата.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани