Најнов број Насловна
Број 1613    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Трагрдијата на македонските бегалци од тетовско ги трогна и мониторите на ОБСЕ

ПО ОФАНЗИВАТА НА ТЕРОРИСТИТЕ ВО ТЕТОВО
ОБСЕ го потврди етничкото чистење на Македонците
Во извештајот се зборува за пет етнички македонски села, кои албанските вооружени групи ги исчистиле

Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ потврдува дека и за време на прекинот на огнот, македонското население северно од Тетово е под жесток притисок од етничките албански вооружени групи да ги напушти своите домови. ОБСЕ известува за пет етнички македонски села, главно населени од постари луѓе, кои албанските групи веќе ги исчистиле. Однесувањето на тие групи е доследно во обидот етнички да ја исчисти тетовската област.

Притисокот на овие групи, според извештајот, се остварува со киднапирање, привремени приведувања и сериозни постојани облици на застрашување и ограничување на движењето на цивилите, кои се обидуваат да ги извршат редовните активности на нивите, одат на пазар или на работа. Таквото однесување, смета ОБСЕ, негативно се одразува врз одржувањето на прекинот на огнот и врз напорите да се постигне општо политичко решение.

Мисијата заклучила дека во областа на Тетово има огромна промена во односот на етничките Албанци спрема меѓународните набљудувачи. Таму каде што порано мисијата била добредојдена, сега населението се однесувало со одредена претпазливост и нељубезност.

Мисијата примила многубројни обвинувања за киднапирање, тепање, ограбување и застрашување на етничките Македонци на пунктовите што ги поставиле оружени албански групи, кои сами по себе претставуваат прекршување на прекинот на огнот. Мисијата верува дека за тие инциденти е само симболично известено, поради тоа што населението се плаши од одмазда од вооружените групи.

Неколку селани од Лешок се пожалиле дека присуството на претставниците на ЕУ и на УНХЦР во селото предизвикало опасност и одмазда кон нив, откако набљудувачите си заминале.

Жалбите поврзани со прекршување на човековите права откриваат дека се вршело илегално приведување цивили, тепање и други физички злоупотреби, принудна работа како копање ровови, застрашување жени, деца и стари луѓе на пунктовите за проверка, уништување имот, грабежи и етничко чистење.

Министерството за внатрешни работи тврди дека албанските оружени групи егзекутирале одреден број етнички Албанци поради соработка со власта и други дела што покажувале "нелојалност" спрема тие групи. Мисијата потврдува дека одреден број етнички Албанци во областа на Тетово се убиени, но не може да процени кој го сторил тоа.

Информациите на ОБСЕ покажуваат дека досега само етничките албански вооружени групи поставувале мини и употребувале разни средства за да го обесхрабрат движењето во планините.

Во извештајот на ОБСЕ се наведуваат и неколку карактеристични случаи. Во петокот мисијата ги испитала наводите на тројца етнички Македонци што биле хоспитализирани откако биле киднапирани и ослободени од албанските вооружени групи во областа на Теарце. ОБСЕ известува дека сите тројца се заздравувале од повредите и не биле расположени да дадат интервју и да дозволат нивните повреди да се фотографираат, поради страв од заканите врз нивните семејства. Овие лица биле крајно исплашени од присуството на претставникот на мисијата, но на крајот се согласиле да му ги покажат повредите. Претставникот смета дека тие навистина биле тепани со кундаци, дрвени и метални прачки додека рацете им биле врзани на грбот, а биле тепани и по табаните и нозете.

Исто така, ОБСЕ добил информација дека друг етнички Македонец бил киднапиран од својата куќа во близината на стадионот кај Дреновец. Кога мисијата се обидела да го испита случајот, голем број униформирани и вооружени лица на ОНА го набљудувале нивното приближување. Било заклучено дека во куќата нема никој и дека областа е небезбедна за да се продолжи испитувањето.

Мисијата била известена и за уништената куќа во Боговиње и го поврзува тоа со насилното регрутирање на ОНА во тој крај. Таткото на едно момче се спротивставил на присилното регрутирање, а во инцидентот биле убиени и повредени членови на ОНА.

(Б.И.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани