Најнов број Насловна
Број 1621    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Терористите оставиле ѕверски траги на грбот на еден од киднапираните работници на "Маврово"

ПО ЕДНОДНЕВНО ЗАРОБЕНИШТВО
Петте киднапирани работници ѕверски претепани, па пуштени
Киднаперите ги однеле на непознато место, каде што ѕверски ги тепале со мотки и лопати, а по нивните тела со нож врежувале иницијали

Далибор Величковски, Новица Трајковски, Шабан Синанов, Сашо Додевски и Синиша Миленковски, работници на градежното претпријатие "Маврово", кои во понеделникот беа грабнати од група терористи, по еднодневно заробеништво вчера беа ослободени. Тројца од нив се задржани на хируршкото одделение во болницата поради сериозни повреди и исеченици на телото, а другите двајца се на домашна нега. Терористите ѕверски ги претепале работниците, кои по целото тело имале модринки од удари со мотки и лопати и со нож врежани иницијали. Терористите ги терале киднапираните да викаат "да живее Косово, УЧК и Албанија" и им се заканувале на нивните семејства. Четворица од вработените во ГП "Маврово" се од Куманово, а еден е од Велес.

Според изјави на работниците, биле заробени од триесетина терористи во понеделникот околу 11.30 часот кај селото Желино, додека го одбележувале патот Скопје-Тетово. Киднаперите ги однеле на непознато место, каде што ѕверски ги тепале со мотки и лопати, а по нивните тело со нож врежувале иницијали. Потоа ги терале да кажуваат вулгарни зборови за членовите на своите семејства и да викаат "да живее Косово, УЧК и Албанија". Терористите им ги одзеле личните исправи и им се заканувале дека ќе им ги запалат куќите и дека ќе им ги убијат семејствата ако медиумите дознаат за нивното грабнување. Подоцна бандитите по телефон им се заканувале на роднините на грабнатите. Околу 19 часот наишол некој постар Албанец во цивилна облека, кој ги убедил терористите да ги ослободат грабнатите.

Двајца од работниците веднаш се упатиле кон своите домови, а некој Албанец ги префрлил со автомобил другите тројца до селото Матка, каде што се качиле на автобус до Куманово. Тројцата хоспитализирани работници велат дека кога пристигнале во болницата во Куманово, дежурен бил извесен доктор Фихрет Јакиу, кој не сакал да им даде помош, под изговор дека тој не е лекар. По кратко време наишла екипа на брза помош, им дала помош и ги хоспитализирала во хируршкото одделение. Вработен од одделението за брза помош во кумановската болница за "Дневник" потврди дека ноќта помеѓу вторникот и средата дежурен бил Фихрет Јакиу, доктор во одделението за брза помош. (Б.Д.-С.Т.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани