Најнов број Насловна
Број 1622    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ГРАЃАНИТЕ РЕАГИРААТ
Меѓуградската автобуска станица го крие возниот ред на приватните автобуси
Патниците тврдат дека централната автобуска станица го крие возниот ред на приватните автобуси за да ги пополни со патници автобусите на "Пролетер", а МАС категорично ги негира нивните тврдења

Приватните билети се продаваат откако ќе се наполнат со патници "државните автобуси"
Граѓаните што во летниот период патуваат кон туристичките локалитети во земјава се жалат дека вработените во Меѓуградската автобуска станица "Пролетер - Скопје" намерно не ги информираат за слободните места во приватните автобуси за да можат прво да ги продадат билетите на "Пролетер". Според нив, информација за приватна линија може да добие единствено патник што претходно е информиран за неа. Граѓаните велат дека вработените на шалтерите прво ги посочуваат слободните места во автобусите на "Пролетер", а кога тие ќе се пополнат, информираат и за другите. Во автобуската станица "Пролетер - Скопје" ги отфрлаат обвинувањата на граѓаните и тврдат дека не го кријат возниот ред од патниците.

- За време на изминатиов празник Илинден речиси и да немаше слободни места во автобусите кон Охрид. Висев на станицата цели два часа обидувајќи се да дознаам кои автобуси одат натаму. На шалтерите ми ги посочуваа само редовните линии на "Пролетер", но тие или беа полни или поаѓаа во термини што не ми одговараат. Случајно забележав еден патник, веројатно информиран од порано, како купува билет за Охрид, на приватен автобуски превозник. Беше поевтино, а ми одговараше и терминот на поаѓање. Веднаш побарав билет, но беше доцна. Немаше слободни места - се жали скопјанецот Сашо Ластевски.

Тој вели дека тоа им се случило уште на неколку граѓани што сакале да патуваат кон Охрид.

- Бевме револтирани и побаравме одговор од вработените. Но, тие не сакаа да ни кажат зошто ја кријат таа линија. Не е во ред за личен ќар да ги мамат патниците. На станицата бев во 13 часот, а бев принуден да се качам во автобус што поаѓаше во 18 часот. Тоа е на штета и на приватните превозници што ја користат меѓуградската автобуска станица во Скопје - вели Ластевски.

Според Цвета Георгиева, шефица на Меѓуградската автобуска станица, недоразбирањата со патниците се поради нивниот страв да патуваат преку Кичево.

- Не е точно дека криеме линии од патниците. Ги информираме за целиот возен ред, не само кон Охрид, туку и кон другите градови. Проблемот е во тоа што тие не сакаат да патуваат по тетовската магистрала и инсистираат да добијат билети преку Битола. Но, капацитетите на автобусите се ограничени. Патниците се под воена психоза. Исплашени и незадоволни, самите предизвикуваат метеж. Тие ги одбегнуваат и автобусите на "Галеб", кои патуваат преку Кичево. Има една приватна линија на "Охрид експрес", која секојдневно поаѓа во 14.45, но местата речиси секогаш се резервирани. Граѓаните веројатно мислат на овој автобус - вели таа.

За да ги задоволи потребите на граѓаните, "Пролетер" постојано пушта и дополнителни возила, вели Георгиева.


Емил Зафировски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани