Најнов број Насловна
Број 1624    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Еден од терористите, тешко ранет во борбите кај Љуботен, вчера беше префрлен во Градската болница

ЖЕСТОКИ БОРБИ ВО СКОПСКО
Заробени дваесетина терористи, Бојане, Радуша и Љуботен исчистени
Здружените сили за безбедност вчера жестоко одговорија на терористичките напади на кои цел им беше Скопје при што на терористите им нанесоа катастрофални загуби

Албанските терористи од Скопска Црна Гора вчера ја нападнаа полициската станица во Љубанци и позициите на македонските здружени сили за безбедност. Со заедничко дејство војската и полицијата го одбија нападот и почнаа битка со терористите кај селото Љубанци. Цел ден се водеа борби во селото Љуботен и по околните ридови на планинскиот масив, а македонските сили за безбедност ги потиснуваа терористите, кои бегаа кон југоисток. Повеќе од илјада членови на Косовскиот заштитен корпус од петокот вечерта до вчера попладне извршија три големи напади врз безбедносните сили во реонот на Радуша. Војската и полицијата ги одбија нападите и ги потиснаа терористите кон Косово. Терористите вчера нападнаа и од скопското село Бојане, но до попладнето силите за безбедност го исчистија тој реон од терористи. Неофицијално дознаваме дека во тридневната офанзива се убиени околу 750 припадници на КЗК и на ОНА.

Вчера попладне терористите изведоа напад врз безбедносните сили во реонот на селата Арачиново и Брњарци. Престрелките продолжија и по затворањето на денешниот број на "Дневник".

Македонските сили за безбедност вчера кај Љуботен заробиле 12 терористи, а околу пладне заробиле уште тројца, кои облечени како жени, со шамии и мантили, се обиделе со такси да побегнат преку Радишани. Во селото беа запалени неколку куќи, главно во северозападниот дел на селото. Околу 14 часот жителите на Љуботен масовно го напуштаа селото. Колона од околу 250 етнички Албанци, главно жени и старци, се упати кон Радишани и кон Скопје. По нив одеа неколку групи млади луѓе во темна облека. Здружените сили за безбедност околу 15.30 часот раниле и фатиле терорист на двесте метри од новиот водовод наспроти населбата Радишани, а очевидци велат дека друг избегал кон реката Серава, веројатно ранет.

Според очевидци, двајцата вооружени терористи бегале со бела "застава 101" и налетале на силите за безбедност. Во кратка престрелка двајцата терористи биле ранети, а едниот веднаш заробен.

Жителите на околните населби тврдат дека околу 13 часот здружените сили за безбедност заробиле уште тројца терористи, кои бегале низ нивите.

Во реонот на Радуша македонските сили за безбедност од петокот се борат со околу 1.000 терористи од КЗК. Во петокот вечерта почна првиот напад, од околу 600 војници на КЗК од Кривеник. Косовскиот агресор навлегол на македонска територија, но по неколкучасовна борба бил протеран назад. На боиштето терористите оставиле десетици мртви и ранети, велат очевидците.

Во саботата околу 16 часот терористите го почнаа најсериозниот напад врз безбедносните сили во регионот. Напаѓале од четири правци. Колона од двесте терористи најпрво со минофрлачи и снајперско-автоматски оган ги нападнала граничарите од караулата меѓу селата Кучково и Радуша. Две групи ја напаѓале полициската станица во Радуша од правец на кампот за бегалци и по долината на реката Вардар од месноста Висечки Мост. Во Радуша караулата и полициската станица се запалени со директни погодоци од терористичките минофрлачи. Последната група напаѓала по должината на земјениот пат што води од Радуша кон границата со Косово. Македонските граничари ги одбиле сите напади во реонот на караулата, а очевидци тврдат дека терористите се доближиле на дваесет метри од нивните позиции. На другите делови од боиштето полицајците исто така ги одбиле нападите. Нашите здружени сили им нанеле катастрофален пораз на терористите што напаѓале од правец на караулата Чашка. По тричасовна борба врз терористичките остатоци дејствувале и авионите на Военото воздухопловство на АРМ. Во текот на ноќта силни оклопно-механизирани единици, придружувани со пешадија, заземаа позиции за одбрана на неколку коти во близината на Радуша и нејзината поширока околина.

Вчера околу 8 часот терористите повторно се обидоа да влезат кон Радуша, но по двоиполчасовна борба распарчените напаѓачи се вратиле на Косово.

Магистралниот пат Скопје - Тетово од вчераутро до пладне беше прекинат за сообраќај поради големата офанзива на македонските безбедносни сили против албанските терористи утврдени во селото Бојане и во лозјата над селото.

Нападите на безбедносните сили почнаа околу 6 часот наутро и траеја до пладнето. Според последните информации, безбедносните сили дејствувале од правец на селото Семениште, а биле употребени автоматско оружје и минофрлачи. Во редовите на армиските и полициските сили нема повредени.

Министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски во изјавата за МИА рече дека полициските сили биле преместени од полициската станица во Радуша затоа што станицата и караулата биле запалени од терористичките групации од Косовскиот заштитен корпус.

Тој потврди дека патот Скопје - Тетово бил блокиран кај Групчин.

Според Бошковски, во овој момент треба да се преземе досега најжестоката офанзива, поради опасноста терористите да ги прошират конфликтите, да го заземат Рашче и да појдат кон Скопје. По завчерашниот демант на Министерството за одбрана дека во нападите кај Радуша не учествувале групациите од КЗК, Бошковски рече дека не знае која била целта на демантот, но смета оти заедничката цел треба да биде одбраната на територијалниот интегритет на Македонија. Според него, за да се избегнат недоразбирања, можеби понискиот старешински кадар треба да има подобра комуникација со повисокиот за да се постигне подобра објективност.

- Јас како министер секогаш сум на самото место за да расчистам некои дилеми, бидејќи секој може да биде доведен во заблуда - рече Бошковски и додаде дека "ние овие групации можеме да ги нарекуваме и Заштитен корпус или територијална одбрана на Косово, но факт е дека околу 500 вооружени лица и денеска со различни превозни средства влегуваат на територијата на Република Македонија преку Дворци, кај котата 770".

- Во моментов е неважно дали македонските безбедносни сили биле напаѓани од КЗК, од Косово или од Македонија, туку битно е дека врз Радуша имаше силен напад од терористите - изјави за "Дневник" министерот за одбрана Владо Бучковски. Според него, границата од косовска страна не е затворена херметички, но дополнително треба да се утврди дали терористите доаѓаат оттаму.

Безбедносната ситуација не е добра, вели Бучковски, иако вчера беше малку посмирена отколку претходниот ден. Но, сега се отвори ново жариште - Љуботен, кое во моментов е најголем проблем.


Роберт Митевски - Игор К. Илиевски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани