Најнов број Насловна
Број 1694    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

"Откупителот" го гушка Рио де Женеиро

НАЈПОЗНАТИОТ БЕЛЕГ НА РИО
"Исус Откупителот" наполни 70 години

По помалку од два месецa, светот ќе го прослави 2002-годишнината од раѓањето на Исус Христос, но во Рио де Жанеиро, "Исус Откупителот" само што го прослави 70-тиот роденден.

Рио на 12 октомври ја прослави 70-годишнината од својата најпозната знаменитост, статуата на Христос висока 30 метри поставена на врвот на планината Корковадо, која се извишува над градот и над заливот Гванабара.

- Статуата е симбол и препознатливо обележје на градот. Со својата широко отворена прегратка со која го гушка Рио, таа исто така стана симбол на луѓето што живеат овде - вели Мауро Рубенштајн, претседател на сојузот на туристичките водачи од Рио.

Локалните власти сметаат дека статуата на Христос Откупителот се наоѓа на врвот на листата потенцијални цели на терористички напади во Бразил, што и не е некое изненадување.

Архидиоцезата на Рио побарала изработување на скулптурата во дваесеттите години,а бразилскиот архитект Хеитор да Силва Коста ја завршил пет години подоцна, на 12 октомври 1931 година, кога била прогласена за споменик во чест на бразилската независност од Португалија, прогласена во 1822 година.

Коста решил да ја изработи статуата, тешка 1.145 тони, од талк прекриен со бетон наместо од метал, затоа што чувствувал дека металот е поврзан со војната.

Се смета дека оваа статуа е најголемата статуа на Исус Христос на светот, што соодветствува со репутацијата на Бразил како земја во која живее најголемата римокатоличка популација на светот.

Но, статуата на врвот на Корковадо, од каде што целиот Рио се гледа како на дланка, набрзо станала туристичка атракција, и се засенила нејзината репутација на религиозно место.

Во седумте децении од нејзиното постоење, статуата ја посетиле голем број светски лидери, илјадници аџии и милиони туристи, вклучувајќи ги починатата принцеза Дајана и папата Јован Павле Втори, кој во 1991 година одржа миса под статуата.

Во минатата година австрискиот спортист Феликс Баумгартнер скокна со падобран од испружената рака на статуата.

"Исус Откупителот" годинава беше и единствената поштедена статуа при реализацијата на планот за масовна рестрикција на струјата.

- Статуата е симбол на Рио. Исклучувањето на осветлувањето на Корковадо ќе значеше и затемнување на градот - изјави портпаролот на градоначалникот на Рио.

Почнувајќи од идната година, статуата ќе може да прима повеќе посетители откако ќе биде завршена изградбата и монтажата на новите лифтови и ескалатори. Сега туристите се искачуваат со трамвај до влезната платформа и мораат да се искачат по 226 големи скалила за да стигнат до статуата.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани