Најнов број Насловна
Број 1696    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
БОЛНО ВРАЌАЊЕ ВО РЕДОВНИОТ ЖИВОТ
Наместо награда за храброста,резервистот го прават луд!
Анонимен резервист, разочаран во Министерството за одбрана, но спремен пак да ја брани Македонија, тврди дека надлежните прават обид да докажат дека бил психички оболен пред да земе пушка во рака

По преживувањето на жестоките напади кај Радуша и тридневното соочување со смртта, резервист разочаран од Министерството за одбрана, но со огромна љубов кон татковината, полека се обидува да се врати во нормалното секојдневие, во кругот на своите најблиски. Надлежните, наместо да го наградат за храброста покажана во битката, се обидуваат да докажат дека имал психички нарушувања уште пред да земе пушка во рака, за да ја брани земјата.

Тој одбива јавно да го соопшти своето име, но сака да ја раскаже својата приказна за стравот, храброста и за болката на неколкуте резервисти што ја одбранија честа на македонските безбедносни сили во битката за караулата кај Радуша.

- Бев на стража кај капијата кога почна се. Не нападна Косовскиот заштитен корпус. Три дена бевме под постојан оган. Од сите страни пукаа врз нас. Ние бевме малкумина. По првата жестока престрелка, тие се повлекоа. Тамам си помисливме дека ги исплашивме, дека е готово, тие возвратија со ист таков оган како претходно. Се обновуваа како ништо да не било. Почнаа да ја кинат заштитната жица. Ако ја искинеа и ако влезеа во кампот, ќе водевме борба гради во гради. Ни запалија 10 тони нафта, ни изгоре магацинот за муниција, а прво ни го ранија готвачот - се сеќава резервистот.

По три дена без јадење и без сон, постојано на штрек, исцрпен од борбите, тој се повлекол заедно со ранетите на кои им помогнал да се извлечат. Во Воената болница во Скопје му рекле дека има нарушување на структурата на личноста и го прогласиле за неспособен за воена служба. Но, неговиот гнев се појавил кога во дијагнозата му запишале дека претходно имал психички нарушувања, кои наводно му се влошиле за време на војната.

- Тоа ми е благодарност за тоа што се жртвував и ја ставив главата во торба! Ако сум бил болен, зошто тогаш во воената книшка ми пишува дека сум способен за воена служба и зошто сум бил дури двапати повикан на воена вежба? Ни ги исплатија дневниците, но не и наградата од 1.000 германски марки што ни ја ветија. Јас не се борев за пари. Македонија се носи во срцето и човек гине само за да биде Македонец. Разочаран сум од Министерството за одбрана, но имам доблест да останам во земјава. Јас го оддолжив мојот долг кон татковината и повторно ќе го сторам тоа ако ме повикаат - вели тој револтирано и со болка во душата.

Резервистот денес повеќе не се чувствува безбедно, но вели дека не живее во страв. Повремено се среќава со другарите, со кои заедно го одбранил родниот град. Вели, сите се враќаат во нормалниот живот.

- Кога ќе се сретнеме, настојуваме што помалку да зборуваме за војната. Јас најголемата утеха и задоволство ги наоѓам во моето семејство, особено со моите две деца - раскажува борецот.

Освен големите трауми од борбите, претрпениот стрес и разочараноста во надлежните, на овој храбар бранител на нашата земја му останал уште еден мал сувенир од војната - последниот куршум што го чувал во панцирот со цел да го употреби против себе во случај да падне во рацете на терористите.

Тој е само еден од неколкуте стотици полицајци и војници од редовниот и од резервниот состав за кои се смета дека претрпеле тешки психички трауми во војната. Ако стручната државна комисија потврди дека борецот добил полесни или потешки психички растројства или нервни заболувања поради условите на кои бил изложен, тој се прогласува за воен инвалид и во зависност од степенот на инвалидитетот, му следува траен надомест за нарушеното здравје и за намалената животна и работна способност.
Биљана Илиќ
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани