Најнов број Насловна
Број 1715    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Д-р Неџипи доби улога на смирувач на своите раскарани колеги

"ЧИСТКА" ВО КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР СКОПЈЕ
Д-р Јаневски "ги оперира" директорите на шест клиники и си ги врати "своите" луѓе
Заменик-министерот Мухарем Неџипи бара лек за состојбата каква што досега не била дијагностицирана во здравството

Директорот на Клиничкиот центар Скопје д-р Владо Јаневски вчера ги разрешил директорите на клиниките што на оваа функција ги имаше назначено д-р Томе Стефановски. "Параграфот" на новиот директор ги фати досегашните први луѓе на клиниките за детски болести, кардиологија, очни, инфективни болести, ортопедија и на клиничката аптека. Од разрешување куртулиле директорите на клиниките за гинекологија и торакална хирургија - д-р Јован Тофовски и д-р Тихомир Крцковски, а д-р Јаневски се уште се мисли за Клиниката за нервни болести, каде што директор е д-р Анте Поповски.

Околу 3.000 вработени во центарот стравуваат дека во прашање може да дојдат и набавките како и редовната исплата на нивните плати, бидејќи во банката се уште фигурираат потписи на директорот Стефановски, а не на Јаневски.

Клиничкиот центар од пред два дена е со двајца директори - Јаневски, кој има решение од второстепена комисија за жалби при Владата, и Стефановски, кој има решение од бившиот министер за здравство, Петар Милошевски. Според Законот за здравствена заштита, министерот за здравство го назначува првиот човек во Клиничкиот центар.

Јаневски, кој завчера најави дека ќе го врати стариот Стручен колегиум, вчера потврди дека издал писмена наредба за разрешување на директорите.

Наредби за разрешување вчера добиле директорите Борче Петровски, Олга Муратовска, Магдалена Антова, Димитар Димитриев, Јордан Камнар, Доцка Кафеџиска. На старите позиции се вратени Ацо Костовски, Сашко Кедев, Снежана Бошњаковска, Вело Марковски, Ѓорѓи Зафировски, Емилија Тасевска.

- Им издадов нови решенија на директорите, бидејќи повеќе не важат решенијата издадени од претходниот директор Стефановски. Јас со тој тим остварив резултати - изјави кратко д-р Јаневски.

Правниците велат дека за да биде валиден потписот на новиот директор, Управниот одбор на Клиничкиот центар првин треба да го поништи потписот на претходниот директор. Освен тоа, во овој ресор Владата се уште не именувала министер што би го назначил директорот на Клиничкиот центар Скопје. Заменик-министерот Мухарем Неџипи вчера требаше да се сретне со "директорската двојка" во Клиничкиот центар, Јаневски и Стефановски, за да се реши состојбата, каква што досега не била дијагностицирана во здравството.

Во Министерството нагласуваат дека во случајов нема никаква "правна сплетка", туку е со политичка заднина.


Љубица Балабан


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани