Најнов број Насловна
Број 1766    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Средношколците направија пародија и на конференцијата се појавија во маскирни униформи

НОВКОВСКИ ГО "РЕШАВА" НЕГОТИНСКИОТ СЛУЧАЈ
Или ќе си одат исполитизираните професори, или ќе удрам клуч на гимназијата
Унијата на средношколците на Македонија му понуди на министерот Новковски пристапница, па дури и командантско место во новата "Терористичка унија на средношколците"

Ако не се спроведат отказните решенија на Бајатовска, неготинската гимназија ќе биде затворена, им се заканил министерот Новковски на членовите на училишниот одбор, дознава "Дневник".

"Или ќе биде така, или ќе удрам клуч на врата", биле зборовите на Новковски на состанокот со членовите на одборот на училиштето во вторникот попладне. Затворање на гимназијата во Неготино вчера најави и помошник-министерот Ѓорги Илиевски.

- Ако исполитизираните професори продолжат со самоволието, Министерството за образование ќе ја затвори гимназијата во Неготино. Министерот Новковски воопшто не е виновен. Виновни се професорите, а и директорката Бајатовска, која не презела навреме мерки за да ги спречи нивните политичките активности во гимназијата. Децата се злоупотребени и некој ќе одговара за тоа - рече тој на вчерашната прес-конференција.

Според него, во ресорното министерство не треба да се бара никаква одговорност за случувањата. Илиевски нагласи дека делумна вина сноси и неготинската полиција оти "не ги спречила изманипулираните ученици да ја демолираат директорската канцеларија".

Министерот Новковски, пак, вчера изјави дека веќе се договорил со училишниот одбор да биде повлечена одлуката со која беа поништени отказните решенија за професорите.

- Тоа го договоривме со професорите и родителите. Исполитизираните професори прво да заминат од училиштето, потоа Бајатовска ќе ја напушти функцијата. Во врска со инцидентот, побаравме од полицијата да достави соодветна информација и тоа да биде проследено до јавниот обвинител - изјави вчера Новковски.

Портпаролот на МВР, Васко Шутаров, завчера за "Дневник" изјави дека целата документација е предадена до основното обвинителство во Кавадарци.

Пред инцидентот во Неготино, училишниот одбор на гимназијата "Свети Кирил и Методиј" едногласно ги отфрли отказните решенија за тројцата професори што продолжија да ја водат наставата. Тие и вчера беа на настава со учениците.

- Енергично и едногласно ќе застанеме во одбрана на тројцата професори. Шанса нема да биде повлечена нашата одлука против отказните решенија - изјавија вчера професори-членови на Управниот одбор.

По повод настаните во Неготино вчера прес-конференција одржа Унијата на средношколците на Македонија. Тие најавија дека на министерот Новковски ќе му достават пристапница во новата "Терористичка унија на средношколци"

- Тој не спореди со терористи и затоа бараме да ни биде командант со прекар Ножо - рече Јованка Базерковска, претседателка на Унијата. На прес-конференцијата средношколците беа облечени во маскирна облека, како пародија на изјавата на Новковски. Тие рекоа дека случајот "Неготинска гимназија" е трагедија од најголеми размери и најавија дека нема да дозволат да помине како "секое чудо за три дена"

- Ќе се бориме се додека не бидат казнети сите виновници за насилството врз учениците - рече Базерковски. Тие реагираа и поради тоа што во неготинската болница на повредените им биле наплатувани по 2.000 денари за да добијат потврда за повредите. Парите им ги обезбедила фондацијата Отворено општество - Сорос. Реакции вчера имаше и од форумот на жените на Либерално-демократската партија, за кои "во земјава повеќе нема педа место на која младиот човек може да се чувствува безбеден". За ССУКМ, "министерот Новковски е човек од најредок вид и затоа треба да се заштити со закон, како што се заштитија пратениците".


Емил Зафировски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани