Најнов број Насловна
Број 1770    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА
Силјан Штркот од Прилепско - Бугарин?!

Од сликовницата за Силјан Штркот, една од најпознатите македонски народни приказни, децата може да научат дека нивниот омилен јунак, прилепчанецот Силјан, е Бугарин. Во изданието на издавачот "Лист", Силјан признава дека неговиот јазик е бугарски. Приредувачот не се сетил во еден предговор да им објасни на збунетите деца и на нивните родители зошто Марко Цепенков, човекот што го "пронашол" Силјана, "дозволи" тој да се чувствува како Бугарин.

Во сликовницата, одејќи кон Крушево, главниот јунак, откако гледа многу луѓе на патот, си вели: "Што знам што луѓе ќе бидат? Ако се Бугари, арно - ќе се разберам...". Родители што ја купиле сликовницата велат дека нивните деца останале со подзинати усти додека им ја читале приказната, а и самите не биле помалку збунети и не знаеле што да им одговорат на децата кога ги прашале од каде е Силјан и како може неговиот мајчин јазик да е бугарски. И тие што велат дека знаат оти така пишува во оригиналната приказна што ја запишал Цепенков и дека така ја читале и во постарите изданија, тврдат дека се нашле во недоумица што и како да им објаснат на своите деца од претшколска возраст, бидејќи изданието е наменето токму за нив.

Сликовницата за Силјан Штркот е издание на НИК "Лист", а нејзин приредувач е Весна Ацевска. Приказната во посебна сликовница е објавена откако претходно била издадена во книгата на издавачот "Приказни од земјата Македонија". И големата книга ја има подготвено Ацевска. Во неа се наведени изданијата од кои се преземени приказните. Силјан Штркот е прераскажана на современ македонски јазик. Во сликовницата нема податоци ниту предговор или друго објаснување од приредувачот за бугарскиот мајчин јазик на Силјан Штркот.

Ацевска вчера одби да даде какво било објаснување зошто е одбрана таа варијанта во комерцијалното детско издание. Во "Лист" велат дека нивниот издавачки совет застанал зад изборот што го направила Ацевска и оти е преземена оригиналната приказна на Цепенков од првото издание на неговите дела на македонски јазик, кое го редактирал д-р Кирил Пенушлиски. Издавачката куќа вели дека била крајно релаксирана и не се водела од дневна политика кога ја подготвувала приказната за печат.

- Во мали изданија како што е сликовница за деца не се сретнуваат фусноти со политичка содржина. Во користената литературата пишува токму така и ние сметавме дека треба да биде коректно пренесено и оти не треба да правиме фалсификат - вели Гоце Дртковски, директор на "Лист".


Соња Казиовска


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани