Најнов број Насловна
Број 1804    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ИСТРАЖУВАЊЕ НА "БРИМА ГАЛУП"
"Дневник" најчитан и политички најнеутрален дневен весник
Од електронските медиуми, за политички најнеутрална се смета А1 телевизија, МТВ е наклонета кон ВМРО-ДПМНЕ, а "Сител" кон СДСМ и кон социјалистите

"Дневник" е најчитан и политички најнеутрален дневен весник во Македонија, потврди последното теренско истражување на агенцијата "Брима Галуп", спроведено од 16 до 21 февруари, врз репрезентативен анкетен примерок од 1.105 испитаници.

На прашањето за политичката наклонетост на весниците, 39,9 отсто од испитаниците одговориле дека "Дневник" не е наклонет на ниту една политичка партија. Повеќе од 27 отсто од испитаниците сметаат дека дневниот весник "Вест" е политички неутрален, додека 30,1 отсто сметаат дека "Утрински весник" е наклонет на СДСМ (14,9 отсто оцениле дека е неутрален).

Што се однесува до државните дневни весници, испитаниците сметаат дека тие се наклонети кон владејачката партија - така сметаат 39 отсто од испитаниците за "Вечер" и 38,9 отсто за "Нова Македонија". Дека "Дневник" е политички наклонет кон владејачката партија сметаат 12,5 отсто од анкетираните, 6,6 отсто сметаат дека е наклонет кон СДСМ.

На прашањето за политичката наклонетост на медиумите одговарале сите испитаници, без оглед дали следат одреден медиум.

- Оваа постапка е применета со цел да се добие претстава за перцепција на медиумите од вкупно испитуваната популација - велат во "Брима".

И ова истражување покажа дека "Дневник" е најчитан дневен весник во земјава (54,6 отсто од испитаниците одговориле дека го читаат весникот). На второ место е "Вечер (34,1 отсто), а следуваат "Утрински весник" (28,3 отсто), "Вест" (27,6 отсто) и "Нова Македонија" (18,6 отсто).

Што се однесува до електронските медиуми, 44,3 отсто од анкетираните сметаат дека А1-телевизија е политички неутрална, додека 24,6 отсто сметаат дека таа е наклонета кон СДСМ. За "Сител" 28,6 отсто од испитаниците одговориле дека е наклонета кон СДСМ, додека 16,7 отсто рекле дека е политички наклонета кон Социјалистичката партија. За Македонската телевизија перцепцијата е дека тоа е главно телевизија на ВМРО-ДПМНЕ. Неверојатни 65,4 отсто од испитаниците одговориле дека оваа телевизија е наклонета кон оваа партија, а само 12,9 отсто сметаат дека таа е политички неутрална.

Според гледаноста, на прво место е МТВ (82,6 отсто од испитаниците одговориле дека ја гледаат оваа телевизија), А1 (81,9 отсто), "Сител" (70,3 отсто), "Телма" (22 отсто) и "Канал 5" (19,4 отсто).

За дневните весници на албански јазик, испитаниците сметаат дека и "Факти" (19,2 отсто) и "Фљака" (17,6 отсто) се наклонети на ДПА. Во однос на читаноста, "Факти" води пред "Фљака".
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани