Најнов број Насловна
Број 1850    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Тринаесет месеци без плата ја чувам браната: Исмаил Исени од Липково

СОЦИЈАЛНА "РЕВОЛУЦИЈА" ВО ЛИПКОВО
Дванаесет поранешни чувари на "Глажња" ќе остават 100.000 жители без вода
Ако не бидат вратени на работа, чуварите велат дека ќе ги затворат сите вентили и оти цело Куманово ќе остане без вода

Дванаесет етнички Албанци од кумановското село Липково веќе два месеци ги држат под контрола вентилите на браната кај горното Липковско Езеро "Глажња" и не дозволуваат водата да потече кон Куманово. Локалните власти предупредуваат дека состојбата со водоснабдувањето е алармантна, бидејќи деновиве почнало да се намалува количеството вода што пристигнува во градот. Екипи на ОБСЕ вчера преговараа со револтираните липковци и бараа од нив веднаш да ги ослободат вентилите кај браната "Глажња".

Револтираните Албанци го одбија апелот на ОБСЕ и се заканија:

- Ако Владата и "Водостопанство" не ги исполнат нашите барања најдоцна до почетокот на идната недела, ние ќе го затвориме главниот вентил за дотур на вода за Куманово и ќе оставиме без вода 100.000 жители на Куманово!

Станува збор за поранешни работници во чуварската служба на кумановското "Водостопанство", кои за време кризата биле отпуштени од работа. Сега тие бараат итно да бидат вратени на работа и да им бидат исплатени 13 заостанати плати. Во спротивно, тие велат дека нема да дозволат водата да потече кон Куманово.

Тие велат дека за цело време на кризата ја чувале браната.

- Најмалку што го посакуваме е да ги загрозиме животите на илјадници кумановци. Но, принудени сме на ова бидејќи работниците се неправедно отпуштени, а за цело време на кризата останаа на работните места. Ја чуваа браната и хидроцентралата од натрапници. Не знам од кои причини се отпуштени. Надлежните во "Водостопанство" тврдоглаво одбиваат да ја исправат неправдата врз овие луѓе. Се надевам дека најдоцна до почетокот на идната недела Владата и претпријатието ќе ни излезат во пресрет за да не се случи како и лани Куманово да се соочи со хуманитарна криза - вели Бејзад Исени, претседател на Месната заедница на Липково и поранешен работник на "Водостопанство".

Според револтираните Албанци, станува збор за работници со стаж од триесетина години.

- По 25 години верна служба ме отпуштија. Се слуша дека тоа било бидејќи не сум се појавил во Куманово, во дирекцијата на Претпријатието. И порано не одев таму, а плата ми стигнуваше. Неправдата е голема и ако не биде исправена, ние вода не даваме - вели Алију Сефејдин од Липково.

Оливер Спасовски, советник на кумановскиот градоначалник, вчера предупреди дека состојбата е опасна.

- Алармантно е оти количеството вода за Куманово е намалено. Ако не бидат пуштени вентилите, ќе се соочиме со ненадминлива хуманитарна катастрофа. За жал, ние немаме надлежност со водоснабдувањето туку "Водостопанство - Куманово". Ние можеме само да апелираме и да притискаме проблемот итно да се реши - вели тој.

Градоначалникот на Липково, Хусамедин Халили, изјави за "Дневник" дека за оваа состојба се виновни локалната самоуправа на Куманово и "Водостопанство", но се надева дека проблемот ќе се реши.

Вчера не успеавме да стапиме во контакт со надлежните во "Водостопанство - Куманово".


Емил Зафировски


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани