Најнов број Насловна
Број 1894    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Владиката Јован остана без епархија

СВЕТИОТ СИНОД ГО РАЗРЕШИ АРХИЈЕРЕЈОТ НА ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА
Грчки и српски владициќе го "спасуваат" Јован од МПЦ
Владиката Наум ми рече дека разговарал со митрополитот Амфилохиј, кој му рекол: "Како можеа вчера владиците Тимотеј и Агатангел да служат литургија, кога со пиштоли излегоа против својот брат"- раскажува владиката Јован

Десет српски и речиси сите грчки владици вчера телефонски контактирале со владиката Јован, за да ги слушнат деталите од одлуката со која Синодот на МПЦ го разреши од должноста архијерејот на Повардарската епархија. Владиката Јован вчера ја служеше првата литургија во манастирот "Свети великомаченик Ѓорѓи" кај Неготино, откако САС на МПЦ во петокот едногласно го разреши од должноста, бидејќи ја прекршил епископската заклетва за покорност и својата епархија ја направил непослушна кон Синодот на Светиклиментовата МПЦ. На владиката Јован, кој влезе во канонско единство со СПЦ, му е даден рок од 30 дена, да се покае и да се врати во единството на МПЦ.

Разрешениот владика вели дека се каат само грешниците, а тој ништо не згрешил.

-. Згрешија тие што дојдоа без налог, тие што држеа пиштол, тие што ме притиснаа до ѕидот и ми дадоа десет минути за да се спакувам. Таква бруталност немало ни во 1945 година. Зошто да им отклучам? Не морав да им отклучам, бидејќи немав добиено никаква одлука. Можеле одлуката прво да ми ја пратат по факс. Не разбирам зошто толку брзаа. Сега сум на улица со едно рало панталони -изјави вчера владиката Јован.

Тој вчера одржал литургија со 70 верници од епархијата и нив ги смета за стадо кое никој нема да го раздели, а најмалку САС на МПЦ.

-Ми се јавија десет српски владици и речиси сите грчки. Сите се фрапирани од бруталноста и загрижени се за моите човекови и свештенички права. Со поддршка ми се јави и владиката Наум, кој ми рече дека гласал против моето разрешување. Во САС велат дека одлуката била едногласна, па не знам кој лаже. Владиката Наум ми рече дека разговарал со митрополитот Амфилохиј, кој му рекол:"Како можеа вчера владиците Тимотеј и Агатангел да служат литургија, кога со пиштоли излегоа против својот брат". Ова не црква, туку политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Таа ќе заврши како секта во православниот свет- изјави вчера владиката Јован.

Во Влешката епархија демантираат дека разрешениот владика бил изложен на бруталност.

- Со ова, се симна маската дека Јован и служи на МПЦ. Тој конечно го покажа неговото вистинско лице, кога се послужи со дрска лага дека со пиштол бил истеран од зградата. Сите присутни во епархијата кон него се однесувавме со внимание и почит. Не беше упатена ниедна закана, ни од полицијата ни од нас. На еден владика не му е на чест да се служи со такви нечесни зборови - изјави прота Стојко Ристевски, член на црковната комисија.

Тој завчера одби да ја прими одлуката на САС и не ги отвори вратите пред четиричлената комисија од МПЦ, предводена од владиците Тимотеј и Агатангел. Владиката Јован се заклучи во зградата на епархијата и не одговараше на телефонските повици на архијереите. По безуспешните обиди да стапат во контакт со владиката, вратите на епархиската зграда беа насилно отворени, во присуство на стотици верници од Велес кои сакаа да бидат сведоци "на заминувањето на четвртиот ненароден владика" од тој град. Во зградата први влегоа полицајците, а потоа и членовите на црковната делегација. Тие потврдија дека владиката Јован одлуката на САС ја отфрлил како невалидна и изјавил дека не признава МПЦ. Бидејќи одбил да ја напушти зградата и да изврши примопредавање на објектот, црковната комисија ја овластила полицијата да го организира неговото заминување. По три часа разговори, под силно обезбедување од кордон полиција, владиката Јован замина од споредната врата на епархиската зграда, во придружба на две полициски возила. Тој беше исвиркан од присутните верници, кои му порачаа никогаш повеќе да не се враќа во Велес.

До именувањето на нов владика, раководењето со Повардарската епархија го презеде МПЦ, а митрополитот Јован е упатен на богослужење во манастирот "Свети великомаченик Ѓорѓи" кај Неготино.


Катерина Блажевска - Петар Печков


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани