Најнов број Насловна
Број 1901    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
Нутриционизам
Лимфедеми и начин на исхрана

Под лимфедем се подразбира ненормален оток на рацете и нозете (понекогаш и на двете нозе). Понекогаш отоци може да се создадат и на другите делови на телото- на главата и на цревата. Освен отоците, симптом е и задебелената кожа, истекување на лимфната течност ако се повреди или прсне кожата и чувство на силна болка со подуена (натечена) кожа. Најчесто овие симптоми се јавуваат како последица на трауми предизвикани од хируршки интервенции или по зрачење при рак на дојка, а понекогаш причините за овие симптоми се присуство на некои паразити во организмот, последици од автомобилски несреќи или други физички повреди. Најчеста компликација е целулитисот (стрептококна инфекција на кожата и на поткожно ткиво). Во вакви случаи пациентот добива висока температура, а рацете и нозете многу му поцрвенуваат. Друга компликација е истекување на лимфната течност- лимфореја.

Кога стручно ќе се постави дијагнозата, лимфедемите веднаш треба да се лекуваат во медицински установи. Болните треба да се јават на преглед ако при притисок со прст на отокот, отисокот не се изгуби за неколку секунди.

По операција на рак на дојката, кога дојката се отстранува, пред да се појават микседемите се препорачува рачна лимфна дренажа - внимателно стручно масирање, заради стимулирање на текот на лимфата. Бројни студии покажуваат дека со овие масажи значително се намалува можноста од појава на "диво месо" се зголемува мобилноста на раката, се намалува болката и непријатната преосетливост на допир.



Менување на

режимот на исхрана

Менување на режимот на исхрана е многу битен фактор за да не се повтори болеста. Ако болниот одлучи да ги смени навиките во исхраната треба да јаде проортени мешункести зеленчуци неколку пати дневно по една супена лажица со јадењата. Термички обработената храна (пржена, печена и варена) треба да се намали и да се замени со свежа храна (свеж зеленчук како салата и свежо овошје како овошна салата). Бидејќи ова заболување често е последица од нарушената рамнотежа во организмот (хормонска, ацидо- базна и нерамнотежа на минералите) сите рамнотежи ќе ги воспоставиме хранејќи се со биолошки полновредна храна, што ќе ја консумираме на правилен начин. Насобраните токсини, кои создале ацидозна (кисела) состојба во организмот која поттикнува за појава на болести, ќе бидат исфрлени кога ќе ја оптимализираме детоксикацијата на организмот низ четирите канали (мочниот меур, дебелото црево, кожата и белите дробови). За оптимална детоксикација ќе придонесат и матичниот млеч во лиофилизирана форма, разните чаеви (најдобро зелениот чај), кои дејствуваат како природен диуретик, интегралните жита во разни форми, компот од модри сливи, а може и течноста од габата комбуха.

Јагленохидратите не треба да ги внесуваме со консумирање на шеќери туку со консумирање на сложени јагленохидрати - скробови (интегрален карго ориз, тестенини главно направени од оризово брашно без глутен или тестенини од интегрално брашно и соја).

Треба да се избегнуваат белковините од животинско потекло, иако содржат есенцијални аминокиселини, а предност треба да им се даде на белковините од растително потекло од соините протеини (соино сирење - тофу,соино млеко, соино кисело млеко и јогурт, грав и сл.) Гравот има повеќе белковини од месото. Може да се консумира и кравјо кисело млеко и јогурт но само по 200 мл.дневно како и морската риба. Треба да се избегнуваат полномасните сирења и кашкавали и да не се јаде повеќе од едно јајце дневно. Пресното млеко треба да се исклучи од исхраната. Редукцијата на протеините од животинско потекло е неопходна бидејќи тие содржат висок процент на натриум. Натриумот во крвта не треба да биде повеќе од 140, а тоа ќе се постигне кога ќе се применуваат нагласените препораки и ако се редуцира внесот на готварска сол просечно по три до четири грама дневно. Тоа значи дека за 20 дена не треба да се консумира повеќе од 60 до 80 грама готварска сол.



Зелени сокови

За ваква здравствена состојба се препорачува пиење на т.н."зелени сокови".Тоа се свежо исцедени сокови од свеж зеленчук главно во зелена боја. Зелената боја - хлорофилот претставува трансформирана сончева во хемиска енергија и е најчист извор на енергија на светот бидејќи се создава во процесот на фотосинтеза за мошне кусо време. За таа цел се користи зелката од листови со зелена боја, целерот и магдоносот (коренот и листовите). Покрај исцедените зелени зеленчуци, во сокот треба да биде присутен и сокот од морковот и тиквичките бидејќи содржат висок процент на бета-каротин кој е мошне добар антиоксиданс. Количеството на испиените сокови од свеж зеленчук не треба да биде преобилно бидејќи непотребно ќе предизвика аверзија на соковите. Сосема доволно е покрај свежите салати кои треба да бидат застапени два пати повеќе од термички обработената храна, да се испијат околу 200 мл. сок од зеленчуци, дневно поделени на четири дела по 50 мл. Соковите треба да бидат малку разредени со филтрирана вода и зачинети со малку сол, малку исцеден лимон и една кафена лажичка ладно цедено маслиново масло. Приготвени на овој начин тие претставуваат т.н. течна салата. која содржи хлорофил, бета-каротин, егзогени ензими и многу минерали и ензими во органска форма, и секој на свој начин помагаат да се прочисти крвта и лимфата.Освен диуретично и противвоспалително својство одредени лековити растенија овозможуваат намалување на едемите (отоците).

Меѓудругите тоа се чаевите од рузмарин, корен од сладич, маслачок, луцерката, свила од пченка и зрна од клека (смрека).

Лукот, свеж или термички обработен има антимикробно и антибиотско својство и затоа треба секојдневно да се јадат по неколку чешниња.

Од додатоците во секојдневната исхрана освен матичниот млеч и прочистениот прополис треба да се зема витамин Ц, Б комплексот преку пиварскиот квасец и витамин Е во дози што ќе ги сугерира лекарот. За да се намалат симптомите на болеста треба да се избегнува преголема топлина и туширање со многу топла вода, бидејќи при преголема топлина организмот создава повеќе од потребното лимфни течности.

Со примената на препораките за исхрана согласно крвните групи треба да се овозможи оптимална телесна тежина, неопходна за полесно надминување на симптомите на болеста. Болните треба да избегнуваат да пушат цигари,да не консумираат алкохол, да не пијат кафе, а не треба да јадат рафинирана и хемизирана храна.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани