Најнов број Насловна
Број 1903    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
МАЛОЛЕТНИЧКА ДЕЛИКВЕНЦИЈА
Петстотини деца регистрирани како деликвенти
Експертите тврдат дека сиромаштијата и запуштеноста се причина што паѓа возрасната граница на младите деликвенти, а училиштата итно мора да се вклучат во спречувањето на криминалот

Црната статистика зборува дека близу 3.000 малолетници во земјава се регистрирани како деликвенти, а 500 од нив се помали од 14 години.

Трендот на намалување на старосната граница на децата што прават кривични дела се намалува, а причина за тоа е исклучиво сиромаштијата, предупредуваат експертите.

- Во последните неколку години во Македонија има случаи и седумгодишни деца да прават тешки кривични дела. До пред неколку години кривични дела правеле деца на возраст меѓу 10 и 12 години, а сега возрасната граница алармантно паѓа надолу. Малолетниците често го прекршуваат законот зашто се запуштени или се злоупотребени од родителите. Деликвентите најчесто потекнуваат од крајно сиромашни семејства и имаат родители што не знаат како да ги воспитаат. Малолетниците вршат тешки кражби, насилство, трговија со дрога, но и убиства, зашто мислат дека не може кривично да одговараат - објаснува Нелко Стојаноски, професор по социологија на Филозофскиот факултет.

- Ако порано децата се занимаваа со ситни кражби, денеска тие брутално тепаат и убиваат. Тренд е малолетниците групно да ги извршуваат делата - вели Стојаноски.

Професорот смета дека училиштата мора да помогнат за да се спречи малолетничката деликвенција. Често се случува наставниците последни да дознаат што се случува со нивните ученици. Бидејќи и родителите кренале раце, грижата само делумно е префрлена на социјалните институции.

- Дознаваме за малолетни деликвенти од МВР. Училиштата ништо не прават за да ја спречат оваа појава. Наша задача е да ги ресоцијализираме обвинетите деца. Само ако со детето почне да се работи веднаш, ќе има ефекти. Работиме и со децата и со нивните родители - вели Габриела Јаневска-Гијовска, социјален работник во одделението за заштита на деца и младинци.

Таа вели оти малолетниците не се свесни за казните за извршените злосторства. Тие се "вадат" на тоа дека не може да бидат казнети оти не се полнолетни, но се лажат, вели Јаневска-Гијовска.

- Најмала казна е укорот. Родителите мора да ја засилат контролата врз своите деца. Поголема казна од укорот е засилен надзор од социјален работник. Ние мора да ги надгледуваме и децата, но и родителите. За деликвентите што извршиле тешки кривични дела следува малолетнички затвор - вели Јаневска-Гијовска.

Таа смета дека социјалните институции не може многу да помогнат зашто работат осум часа дневно, пет дена во неделата.

- На децата им е потребна стручна помош 24 часа. Не може малолетникот постојано да го набљудуваме. Затоа често се случува откако детето ќе го помине третманот повторно да му се врати на "занаетот". Сега со децата работиме по два часа неделно во посебен дневен центар. Свесни сме дека е малку, но немаме пари за повеќе-вели социјалниот работник.

Во првата детска амбасада "Меѓаши" тврдат дека повеќе од 7 илјади деца што бараат помош на СОС-телефоните признале дека се занимаваат со тешки кривични дела.

- Младите се осамени и никој не води сметка за нив. Слободното време не им е организирано и забегуваат во криминал. Волонтерите на СОС-телефонот се трудат да го им посочат проблемот и им советуваат на децата да го решат со родителите. Но проблемот е нерешлив и секојдневно се појавуваат нови млади деликвенти - вели Драги Змијанац, извршен директор на "Меѓаши".


Љубица Гроздановска


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани