Најнов број Насловна
Број 2389    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ФИТОТЕРАПИЈА
Мечкино грозје при воспалени мочни патишта
При терапија со препарати од мечкино грозје треба да се избегнува кисела храна

Воспалението на мочниот меур предизвикано од бактерии се нарекува цистит. Симптоми на ова заболување се честото мокрење, печење при мокрење, чувство на непријатност и притисок над срамната коска. Многу често при мокрење, особено при крај на мокрењето, се јавува остра болка, а понекогаш и крв, односно гној во урината. Кај жените циститите се почести од повеќе причини. Специфичната градба на женската уретра, а особено нејзината должина (околу 3 см) условува непосреден контакт со вагината и надворешната средина.

Од друга страна, при бременост и менопауза се создаваат поголеми предиспозиции за инфекција на мочниот меур. Кај постарите мажи многу често циститот се јавува како последица на аденом на простатата. Можна компликација при подолготрајни цистити е воспаление на бубрезите. Циститот се разликува од воспалението на бубрезите по тоа што никогаш не е проследен со покачена температура.

Едно од најпознатите растенија што се користат при воспаленија на мочните патишта е мечкиното грозје (Arctostaphylos uva ursi). Тоа е зимзелена, многугодишна, разгранета грмушка, висока 20 до 50 см, која расте и кај нас на планински места со песоклива и каменлива почва. Нејзините лисја се карактеристични по тоа што се изразито дебели, кожести и имаат облик на лопатка, при основата се стеснети. Во фитотерапијата се употребуваат лисјата, кои се собираат кога билката цвета - од мај до август. Најважно дејство на таа билка е уроантисептичното (ги уништува патогените микроорганизми во уринарниот тракт). Лековитото дејство на билката при воспаление на мочните органи се надополнува и со нејзиното диуретично дејство (го засилува излачувањето на урина). Значајно е да се напомене дека при употреба на чај од оваа билка урината треба да има базна реакција, а тоа ќе се постигне кога пред употребата на чајот ќе се испие 1 кафена лажица сода бикарбона. Активните состојки на оваа билка се арбутин и метил-арбутин, кои само во базна средина преминуваат во хидрохинони, кои се, пак, носители на антисептичкото дејство. Затоа пациентите се советуваат да избегнуваат внесување на кисела храна (кисело овошје) за време на терапијата со оваа билка. Чајот се подготвува кога една чајна лажица исушени и здробени лисја се прелеваат со 250 мл вода и се варат 5 минути. Потоа треба да отстои 20 минути. Дневно се пијат по 2 чаши. Пациентите со чувствителен желудник или тие што страдаат од гастритис и чир треба да го подготвуваат чајот без варење, на следниов начин: една супена лажица здробени лисја се прелеваат со 2 чаши студена вода, се остава да отстои цела ноќ и потоа се процедува. Таа доза е за 24 часа и се пие постепено во мали количества. Со избегнување на варење на чајот се спречува ослободувањето на материи што ја дразнат лигавицата на желудникот и на цревата.

Во аптеките се достапки билните таблети "рентил", составени од неколку билки со диуретично, уроантисептично и спазмолитично дејство (против болки).Тие покажуваат голема ефикасност при воспаленија на мочниот меур, мочните патишта и на бубрезите.Таблетите можат да ги исчитат мочните патишта од бактерии што се отпорни на современата терапија со антибиотици. Најважно е да се пијат редовно, три пати дневно по две таблети, најмалку триесет дена. За време на терапијата се забранува употреба на алкохол, кафе и на руски чај бидејќи тие го дразнат мочниот меур.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани