Најнов број Насловна
Број 2697    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ПРОСЛАВА НА ДРЕВНИОТ МАКЕДОНСКИ ПРАЗНИК КСАНТИКА
Мартинки и песни во чест на пролетта

Според древните македонски преданија, Ксантија била божица на цвеќињата во која се вљубил богот Македон, син на богот Зевс. Во чест на таа љубов, древните Македонци месецот на пролетта го нарекле Ксант, а својот најсветол празник - Ксантика. Празникот на светлината, љубовта и убавината, како во дамнешните времиња, со игра и со песна беше прославен завчера во Домот на Армијата во Скопје. Според древниот македонски обичај, секој од посетителите беше закитен со мартинка, црвено-белата нишка-симбол на среќата, радоста и љубовта.

- Народе македонски, денеска славиме како што славеле нашите предци пред илјадници години. На овој голем духовен празник, древните Македонци се собирале во театрите, во полињата, на плоштадите и заедно со царевите славеле, пиеле и наздравувале за радоста и среќата. Го поздравувале најзначајниот ден на духовноста - празникот Ксантика. На денот кога се буди целата природа, младите од црвено-бела преѓа правеле пискулци за марами, белегзии за на рака, гајтани за на појас и верувале дека тоа ќе им донесе среќа во текот на целата година - рече Ангелина Маркус, член на Здружението за негување на древните традиции "Ксантика", кое беше организатор на прославата.

Со изведба на "Тешкото" - симбол на македонскиот непокор, игроорците од Културно-уметничкото друштво "Александар Македонски" ги поврзаа македонското блиско минато и древната традиција. Младите членови од Музичкиот училиштен центар "Илија Николовски-Луј", преку балетска игра симболично го прикажаа доаѓањето на пролетта. Слободан Јаневски, победник на неодамнешната ораторска вечер, одржа беседа со текстот "Моја Македонија" на Вангел Божиновски. Благослов за животот и природата, преку своите духовни песни, дадоа свештениците од еден од најреномираните црковни ансамбли кај нас - "Јован Кукузел". Актерот Сашо Милошевски го изведе монологот "Скрб и утеха", а Соња Каранџуловска и Драги Бадев рециталот "Антејска".

Вљубениците во македонската традиција и песна, учениците од класата за народни инструменти при Музичкото училиште, изведоа неколку песни од непресушното творештво на македонската фолклорна традиција. На прославата беше прочитан и поздравен говор на Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, а сликата "Птица на мирот" од нашиот уметник Живко Поповски-Цветин беше подарок за здружението "Ксантика". Прославата заврши со музицирањето на виртуозите на виолина Михаил и Момчило Куфојанакис и Ерхан Шукри.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани