Најнов број Насловна
Број 2744    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
МЕТОДИЈА НАЈЧЕВСКИ, НАЈСТАРИОТ РАДИОАМАТЕР
На 78 години освојува медали

Единственото прво место во натпреварот во аматерска радиогониометрија, што изминатиот викенд се одржа во Пробиштип, го освои ветеранот на македонското радиоаматерство, скопјанецот од Прилеп, 78-годишниот Методија Најчевски.Тој е член Радиоаматерскиот клуб "Железничар" од Скопје и на македонската репрезентација во М-60, во дисциплината 3,5 мегахерци. Поради ридестиот и стрмен терен чичко Менде на целта се појави по два часа со само една откриена радиостаница. Иако во години, со бастун в рака, тој пленеше со својата виталност и појава. Најчевски повеќе од половина век е во радиоаматеризмот и е еден од основачите на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија. Во неговиот роден град Прилеп го формирал тамошниот радиоаматерски клуб. Кога се преселил во Скопје, го оформил РАК "Железничар".

- Прилепчани немаат право да ми се лутат. Се лутам јас, затоа што не го продолжија она што ми го ветија кога си заминав. Ете, не дојдоа и на ова првенство во Пробиштип - вели подналутено Најчески.

Тој освоил голем број медали и пехари на повеќе државни и меѓународни натпревари. Вели дека секогаш бил меѓу првите двајца што пристигнувале со најдобри резултати на целта. На неодамнешното државно првенство што се одржа во Крушево, иако можел да го освои првото место, одлучил својата колекција на освоени медали да ја комплетира и со еден бронзен медал.

Така одлучил - така направил и го освоил третото место. Со своите 78 години Најчески одамна е меѓу ветераните во овој спорт. Тој е највозрасниот натпреварувач во радиогониометријата во земјава, а можеби и во Европа.

За да биде во тренд со својата генерација, последниве години натпреварите ги почнува и редовно ги завршува со дрвеното бастунче во рака, оти - како што објаснува - му помага полесно да ги совлада угорнините и плотовите.

- Загрижен сум за иднината на радиоаматерството во републикава. Во изминатите години никој не работи со талентираните радиоаматери. Затоа има и се помалку екипи што се пријавуваат и учествуваат на ваквите државни натпревари - вели чичко Менде.

Но, тој не е само радиоаматер. Како член на Планинарското друштво "Китка" често оди на прошетка по планините. Вели дека на Водно се искачува секоја втора недела, а секоја година го посетува и манастирот Трескавец, во близина на неговиот роден град Прилеп. Чичко Менде ќе учествува и на претстојниот меѓународен натпревар во радиогониометрија во Република Бугарија. Вети дека и оттаму ќе се врати со уште еден медал.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани