Најнов број Насловна
Број 2840    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
МИСТЕРИЈА ПРЕД РАЗВРСКА
Од чии куршуми загина Шаторов?

Загинувањето на контроверзниот македонски револуционер Методија Шаторов-Шарло на 4 септември 1944 година во месноста Милеви Скали кај бугарскиот град Пазарџик се уште е мистерија на која одговор ќе треба да даде претстојниот научен собир. Енигмата е во неразјаснетите околности и во дилемата дали тој е убиен во борба од бугарските фашистички полициски сили или зад тоа стојат комунистичките раководства на тогашната Југославија, СССР и на Бугарија.

Сомневањата дека убиството било по нарачката на неговите сопартијци-комунисти најмногу се подгрева од фактот дека неговото мртво тело било најдено дури пет дена по битката и дека, најверојатно, бил жив неколку дена по ранувањето. Македонските историчари се се поблиску до мислењето дека неговите заложби за самостојна, независна и обединета македонска држава се причината зошто бил отстранет на таков начин. Се претпоставува дека таквата заложба на Шаторов биле пречка за плановите за статусот на Македонија по Втората светска војна. Овие мислења се засноваат и на различните сведоштва на соборците, кои учествувале во една од последните битки пред капитулацијата на фашистичката Бугарија.

Според историчарот Зоран Тодоровски посебна енигма е зошто било потребно толку долго време да се пронајде неговото тело.

- Како може Шаторов, како командир на зоната, сам да се повлекува, сам да се спасува и да биде убиен заедно со 12 партизани, а да се спасат сите други борци и раководството, а притоа никој да не го забележи неговото загинување. По битката биле најдени телата на другите партизани, но не и неговото - вели Тодоровски.

Своја верзија на убиството на македонскиот револуционер, кој дошол во судир со раководството на Комунистичката партија на тогашната Југославија поради кревањето на востанието против фашистичките окупатори на Македонија, дал и неговиот внук. Тој во шеесеттите години изјавил дека "во Шаторов од зад грб пукале двајца партизани".

- Тие му ја зеле чантата полна со документи и избегале. Шаторов не починал веднаш. Бил ранет и живеел уште неколку дена јадејќи лисја и корења. Поради тоа стомакот му се надул. Тоа подоцна се потврдило со аутопсијата. Меѓутоа, ЦК на БКП случајот го решил објавувајќи официјална верзија дека бил убиен од полицијата и војската - изјавил внукот, кој сакал да остане анонимен.

Шаторов е погребан во Пазарџик, каде што и денеска се наоѓа неговиот гроб. (Б.Ѓ.)

 

© 2001 Дневник, сите права задржани