Најнов број Насловна
Број 2978    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ШУТО ОРИЗАРИ ТВРДИ
"Шампионите од Шутка" ги дискриминира Ромите

Ана василевска


Документарниот филм "Шампионите на Шутка" се потсмева со поединци што се дел од ромската заедница и ги дискриминира Ромите, тврди градоначалникот на општина Шуто Оризари, Ердуан Исени. Тој својот протест ќе го испрати до Владата и до други институции во државата. Филмот не го гледал и, како што вели и пратеникот Џевдед Мустафа, нема да го гледаат, но впечатокот го добиле од кажувањата на протагонистите во него. Продуцентот на филмот, Марјан Вујовиќ, вели дека е нејасно како се бунтуваат луѓето од кои тој добил дозвола за работа на филмот и смета дека станува збор за "локален политички маркетинг".

"Шампионите од Шутка" својата премиера ја имаше вчеравечер во киното "Култура".

- Овој филм е уште еден начин да се омаловажат Ромите и да се прикажат во лошо светло. Луѓето што се на работ на егзистенција и немаат никакво место во општеството цинично се нарекуваат шампиони, а всушност се прикажуваат нивните аномалии. Со ваквата дрскост и исмејување им се нанесува голем срам на сите Роми. Ние ќе испратиме протестни писма до Министерството за култура и Владата, како и до Хелсиншкиот комитет. Мора да го зачуваме достоинството на Ромите и да се прекине да се злоупотребува слабоста на поединци од нашата заедница за да се постигне комерцијален успех за сметка на туѓата несреќа - рече Исени на вчерашната прес-конференција.

Во Берн, Швајцарија, филмот бил прикажан како дел од културното наследство на Ромите, а Љубљанскиот филмски фестивал "Амнести интернешнал" филмот го награди за афирмација и заштита на човековите права и на малцинските групи.

Од Министерството за култура велат дека станува збор за забуна, бидејќи тоа нема ништо со овој филм ниту во продукциска ниту во каква било смисла и тоа не е вистинската адреса на која се обраќаат.

- Градоначалникот ни се јави во врска со прикажувањето на овој филм и ни рече дека ќе организира протести пред Министерството за култура. Но подоцна произлезе дека е забуна и станува збор за киното "Култура". Веројатно е некакво недоразбирање, затоа што ние немаме врска со прикажувањата на странските филмови - ни рече Тодорче Тасевски, портпарол во Министерството за култура.

Дистрибутер за филмот кај нас е режисерот Дарко Митревски, кој вели дека е надвор од здравиот разум некој да го коментира филмот, а не го гледал.

- Филмот нема никаква врска со деградација на Ромите. Тој е топла приказна за 15 карактери и во начинот на кој е направен нема ниту нешто навредувачко или потценувачко. Луѓето за кои е направен овој филм се сметаат за шампиони во своите животи, хоби или професии и случајно живеат во Шутка. Ако тие беа од Тафталиџе, филмот ќе се викаше "Шампионите од Тафталиџе". Многубројните награди, меѓу кои и таа на "Амнести интренешнал", ја потврдуваат уметничката и човечката димензија на филмот, а не спротивното, како што тврдат од општината Шуто Оризари - вели Митревски.

Продуцентот на филмот, Марјан Вујовиќ, вели дека е нејасно како се бунтуваат луѓето од кои тој добил дозвола за работа на филмот.

- Уште кога се снимаше филмот, ние се обративме до Општината за дозвола, која го поддржа снимањето на филмот. Тоа е документирано и со кадри, бидејќи соработувавме и со телевизијата "Шутел" и "БТР" и со сите од Шуто Оризари.

Не ми е јасно зошто тие реагираат и се оградувам од нивните обвинувања како сосема неосновани. Сметам дека станува збор за некој локален политички маркетинг или нешто слично - ни рече Вујовиќ.

"Шампионите од Шутка" е во режија на Александар Маниќ, а е сниман во чешко-српска копродукција. Досега беше прикажан на фестивалите во Ротердам, Јоханесбург, Трст и во Љубљана.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани