Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
Христо Ивановски
Албанија си го откри лицето

Нема дилеми - во изјавата на министерот за надворешни работи Бесник Мустафај немало грешка во преводот. Како што нема дилеми дека млаките изјави на официјалните претставници на Владата во Скопје (Бучковски и Митрева) нема да го залепат најавеното пукање на границите. Токму тоа го рече Мустафај - ако Косово се дели, можна е промена на границите. Во телефонскиот разговор со неговата колешка Илинка Митрева, тој дообјаснил - вие си имате едно гледање на границите, ние друго. Сосема е во право овој филолог, наградуван поет, франкофон, поранешен амбасадор во Франција и коосновач на Албанскиот хелсиншки комитет, кога се дообјаснувал за прашањето менливост-неменливост на државните граници. Ништо не е вечно, па ни границите.

Бесник Мустафај не е залутан политичар, па тој е шеф на дипломатија, на една држава што од фаза на барање на идентитетот тргна во процес на заокружување на својот сон за Голема Албанија. Појасна порака од Тирана здравје и таа бара сериозна анализа и дипломатска реакција. Пред осум години се изјаснија и албанските академици. Во нивната Стратегија тие се заложија за: независно Косово и Дарданија (веројатно само тие знаат која е таа Дарданија), специјален статус на Албанците во Црна Гора (доаѓа референдумот за независност, дополнителни проблеми за Подгорица), конститутивност во Македонија и културна автономија во Грција. Горе-доле, проектот на Албанската академија на науки е речиси затворен.

"Изјавата на шефот на албанската дипломатија Бесник Мустафај е сериозна и одговорна, а со неа министерот ја изразува објективноста и реалноста што постои во регионот во врска со албанскиот проблем", ќе рече лидерот на ДПА, Арбен Џафери.

Еве уште една предизборна топ-тема Македонијо. Па, бујрум.

Но, што да се прави? Дали оценката дека "тоа е гаф" на Мустафај и оти "Македонија е унитарна држава" го решаваме проблемот за кој нема место за криење под тепихот. Очигледно е дека премногу е голем за да се крие. Згора, Мустафај за ваквиот став ги известил и високите дипломати во Брисел лани во октомври, значи не паднал гром од ведро небо. Паналбанското движење во САД работи под полна пареа, а албанското лоби таму е мошне силно. Тие, на пример, сега градат цврсто пријателство со Евреите, така што се јасни намерите.

Македонија сега треба да крене прав во Брисел, во Вашингтон и во Њујорк, во седиштето на Обединетите нации. Не смее оваа закана од Тирана да помине само со вербална нота во време кога се решава статусот на Косово, кое после Ругова го раководат поранешните милитанти на ОВК и КЗК. Изјавата на Мустафај заслужува широка меѓународна осуда, но таа треба да се издејствува.

Македонија мора да излезе од подметнувањето матрица од 19 век, со наметнување на принципите на 21 век, а тоа е статусот на малцинствата и човековите права. И на Косово и во Албанија има македонско малцинство, а македонската влада слободно може јавно да го каже својот став и стратегија по тоа прашање.

Понатамошното колебање не е во корист на македонските национални интереси и нејзиниот суверенитет. Ниту е во интерес на случувањата во поширокиот регион.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани