Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ЈАСМИНКА МИРОНСКИ
Македонија ја игнорира смртта на Милошевиќ

Му се восхитуваа, му аплаудираа, неговите слики со цвеќиња ги обвиткуваа, принципиелно го поддржуваа, беше херој за политичката елита во Македонија и омилен кај мнозинството граѓани.

Денеска рамнодушно го игнорираат, не се сеќаваат, не го познаваат и молчат. Македонија ја премолчи смртта на Слободан Милошевиќ, банкарот кој стана клучот за мирот и војната на Балканот умре во затворот во Шевениген во Хаг, и уште еднаш го збуни светот. Само две недели пред да се прочита пресудата Милошевиќ беше и остана енигма.

Сакан и омразен, неговата смрт предизвика збунетост во светската јавност и остави многу неразјаснети прашање.

Само Македонија остана рамнодушна и принципиелна да не дава никакви непринципиелни коментари.

Македонија ја игнорира смртта на Милошевиќ. Не дека е збунета, дека не знае што да каже, дека се плаши од нешто или од некого. Едноставно си има поважни работи; ја чекаат избори, требаше да се продаде ЕСМ, се случуваат блокади, државата е во хаос, и кој ќе мисли на некој си Милошевиќ.

Во времето на распаѓањето на бившата држава Милошевиќ беше зверка, се туркаа кој ќе застане до него, се разбира не сите, ама речиси беше престиж да се следи неговиот став.

Како Милошевиќ - немаше политичар, а кога од Косово Полеја изговори судбинската реченица дека никој нема да ве тепа само малкумина на овие простори препознаа дека станува збор за човек што сака да владее и да дели, а не да спроведува правдина.

Сите седенки, прослави, родендени, минуваа во жолчни расправии на малубројните што ја напаѓаа политиката на Милошевиќ и на оние што жолчно ја бранеа и и се восхитуваа. Брат брата ќе го потепаше ако не дај боже лошо речеше за вождот од соседството.

За жал, само малкумина имаа доблест да ја почувствуваат опасноста од политиката на Милошевиќ.

Под плаштот за спас на Југославија а со чекори кои беа во интерес на секогаш ирационалната политика за доминација на еден народ врз друг, Милошевиќ го распрсна својот несомнен талент како политичар во бескрупулозна борба сам против сите која неминовно водеше сам против себе.

Од тогашната 1990 година до денес многу крв протече на овие немирни простори, многу дебати, разговори, конференции за можниот статус на државата што неминовно пукаше по сите шевови иако се правеа жилави обиди за нејзиното спасување. Претседателите од сите републики со месеци се шетаа од еден туристички град во друг; Охрид, Блед за да се договорат што може да се направи за да се избегнат војните, да се направи мирно раздружување на постојните републики.

Милошевиќ, божем во име за доброто се впушти во самоуништувачка политика за неговиот народ и за сите во регионот.

Во Македонија се правеа обиди за спас на тоа што може да се спаси, за асиметрична федерација со Босна, Србија и Црна Гора кога беше јасно како ден дека сите други си ја туркаат работата напред, дека политиката на Милошевиќ не е соработка, туку доминација, дека што побрзо надвор од неа тоа подобро.

Можеби затоа сега во Македонија за него доминира молк, можеби затоа сега се негира неговата смрт, можеби затоа сега сите се плашат да изјават што било. Да не згрешат. Да не им забележи меѓународната заедница ако кажат убав збор како човек со кого седеле, вечерале, муабетеле не само за политика, туку и за тоа колку е убав Охрид, дека Милошевиќ умеел да биде и фин, коректен, пристоен, со насмевка како дете која не секогаш криела во себе идеи кои се убиствени.

Можеби за да не се замерат со граѓаните на соседна Србија каде што Милошевиќ се уште има голем број на симпатизери, и веќе не толку вљубени во неговата политика, колку за инает на Хаг и на светот да покажат дека тие се за својот човек.

Не е точно тоа дека Македонија нема став, Македонија има став. И тоа јасен, цврст, прецизен. Ставот е да се игнорира. Да се игнорира смртта на најконтроверзната, најспецифичната и најнејасната политичка фигура во времето на бурните години на распаѓањето на Југославија.

И игнорирањето е став. Да се молчи, да се биде фин со сите и да се биде единствен во тоа, оти сите останати лидери во светот кажаа по некој збор. Го критикуваа или внимателно го отсликуваа, ама никој не го игнорираше како што го игнорира Македонија. На изнуденото новинарско прашање во врска со смртта на Милошевиќ шефот на македонската дипломатија деновиве подрече дека доаѓаат подобри денови за Србија.

Какви ли тоа денови доаѓаат за Македонија ако земјата заборави дека тој човек добар или лош, и нека е и најлош од најлошите бил дел од поблиското минато на овој дел од светот. И тоа не кој било дел, и не без какво било влијание врз судбината на оваа земја кога за време на бегалската криза од Косово во 1999 година не случајно ги насочи неколкуте стотини илјади Албанци од Косово на границата кон Македонија. Не спрема Албанија, туку на слабите раменици на државата, која најави дека може да прими осум, а беше принудена да прими преку 350.000 илјади и да преживува заедно со нив голгота на граничниот премин Блаце.

Тој никогаш не го прифати македонското не за југословенската политика, кое веројатно зошто дојде малку подоцна виз а ви словенечкото и хрватското, можеби претставуваше изненадување, предизвика лутина и донесе нови закани за Македонија. Затоа ли сега Македонија е лута и реши да ја игнорира неговата смрт надевајќи дека таа ќе значи дефинитивна стабилност и мир во регионот? Добар или лош, Милошевиќ заслужи барем еден збор од Македонија ако ништо друго да се знае дека државата не е на умирање.

(АВТОРОТ Е новинар)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани