Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
Синиша СтанковиЌ
Додека има овци ќе има и волна

Наспроти изборната ѓурултија и само на чекор до Европа и до НАТО, конечно го сфатив вистинското значење на оптимистичката за дубарџиите максима - додека има овци ќе има и стрижење. Преку пример што ги надминува и далаверите за кои досега бев слушнал и свикнал на нив. Дал Господ, во молчеливата Македонија, овци имало и ќе има, а оние кои ги стрижат без исаф, се котат и пред и по избори. А јас, кутриот, како и другите во државава, со чии судбини моќниците си играат мајтап, острижан "на нула", можам само да завидувам, да пцујам и да се колнам самиот себеси што не ми текна нешто толку едноставно, а така доходовно...

Да ми текнеше онаа 2001-та, за време на "борбите за човекови права" да си најдам некој локален ветеринар, (море, јас и вистински вештак ќе најдев - "мој човек", оти во испостенава од арамии земјичка, сите сме си свои, кога има шанса за некоја паричка) и некој правобранител или сличен "заштитник" на интересите на Македонија, еве денес, ќе си пушев "Картие" и на мобилен, директно од бачило ќе ги советував сличните еснафи како мене, како да ја стрижат власта. Онаа, широкоградата и леснорака, која од срце ги обесштетува граѓаните, кога ќе им згреши. Нормално, со парите на некои други "острижани" граѓани. И немаше да бидам дотолку алчен да барам 25 милиони евра за душевни болки и страдања или пореметен психо-физички баланс. Мислам, познавам едно чудо луѓе што за толку пари, сами ќе повикаа хеликоптер и ќе глумеа живи маркери за ракетите, за потоа да уживаат - ако ги утнат. Не, јас сум скромна, напатена душа. Ќе се задоволев и со 700.000 евра или, евентуално, ќе и шепнев на ветеринарско-вештачко-бранителската коалиција да ми "пишат" неколку стотици овци-жртви повеќе, нормално, по цена од илјада евра - за грло. Мислам, се разбираме, кога нема ептен алчни и нема љубомора, секогаш - има за сите...

Арно ама, не ми текна. И си останав острижан голтар, завидливко, кој сепак, мазохистички сака да му верува на премиерот дека поим немал што се му се случувало зад грб додека бил министер за одбрана, па дури и дека е подготвен да се најде виновникот (кој, да не грешам душа, не ни морал да биде алчен, можел едноставно да биде некадарен, што кај нас, за жал, со партиските кадровски вртелешки, како да станува правило) и да биде разрешен и повикан на одговорност. Сакам да верувам, оти ми е срам да признам дека сум дел од оние "острижаните", кои 15 години чекаат "од Бога росица" и се надеваат, веруваат во подобро утре. Додека ајдуците од сите нации, конфесии и провениенции, јагмаџиски и братство-единствено сплотени, им ја уништуваат иднината на нашите деца. Ми е срам да признам дека и мене ми излетува пцост, додека пеш ги заобиколувам блокадите, поставени од оние кои колку и да се несмасни (па, дури и да се партиски организирани или платени по троа), мрзнејќи на скопските крстосници, се борат и за син ми. И за неговото право, утре да не живее во темница. И да не ги учи на свеќа уроците од нашминканата историја, мачејќи се да ги одгатнува "обединувачките" учебници, во кои политичката "кармакаша" ги заменува фактите.

Срам ми е што и понатаму, и професионално наседнувам на "нинанајна" финтите на борците за фотелји и за пристап до државното азно, па и самиот, како репортер кој не може да коментира, катадневно известувам за тоа колку стана имала мајка му на лидерот на опозицијата, колку летни бавчи и деловни простори продал премиерот за пола денарче - квадратен метар или колку овци треба да се убијат за да се стане девизен милионер... И понатаму, според принципот - секоја афера за три дена - ќе се занимавам со обвинителот кој немал време за распродажбите на државниот имот во Министерството за одбрана, оти морал да се одмора во Охрид. (Нели, уште од студентските денови се занимавал со тешка физичка работа, па влечи - м'кни, со мака и напор, преку многу "апање муви", дотера човекот до самокритичната оценка дека бил "последна будала"...) Или, со "изборот" на проценител на Македонски железници, со кој е избрана поскапата понуда на фирма што "имала подобра кадровска структура". Во превод: била, најблаго речено, "блиска" на првата дама на Управата за јавни приходи, која, најверојатно исто така изморена од обврските, најави заминување од функцијата. И тоа само по една селидба на дел од нејзините вработени во скапо платен објект, по само едно инаетење со антикорупциската комисија за можеби најспорната приватизација во државата и по само еден тендер во кој учествувала блиската и фирма со ептен прифатлива "кадровска структура"...

Едни изморени, други острижани. Македонија - измолзена.

(Авторот е новинар)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани