Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
Филип Петровски
Фабрика

Некое време не пишував. Си реков ајде малку од страна да ги гледам работите. Мораме да признаеме дека не може секој од нас да знае се за се. Потребно е одвреме-навреме да се менуваат перспективите, диоптриите. Едноставно да се наслушнува пулсот на нештата.

Во меѓувреме нештата се усложнија. Наближуваат изборите. Тоа веќе самото по себе носи дополнителна тежина. Залогот е голем и многу работи можат за еден ден да се изменат комплетно. Затоа ми се чини дека полека но сигурно влегуваме во зоната на "семожното". Владата после навистина напорното (за сите и по сите нас) владеење во овие три и повеќе години сите тенденции во општеството ги доведе на раб на пукање. Тоа е видливо секојдневно. Повеќе од јасно е дека тешко ќе биде да се задржи власта со демократски методи. Токму затоа промената на изборниот модел и тоа како е сомнителна. Уште повеќе што сите сигнали од меѓународната заедница се дека нема да се толерираат изборни нерегуларности. Сето ова може да значи само едно, дека ќе се игра на ризик дома, со големо додворување надвор, како би се спречил дебакл.

При тоа не мислам во нејасни категории. Агресивноста станува метод. Од полициската акција во Кондово до становите на Груевски, се се тоа методи на агресивни политички модели кои што користат за да се спасат самите себе. Во игра сега се уфрлаат разни аналитичари, подобро кажано бескрупулозни перачи на мозок со наводни добри намери. И се ова ми е јасно дека ќе се случува, затоа што не се случува за прв пат. Овие методи ги гледаме со години наназад, при секој изборен циклус. Она што ме загрижува е нивото на организираност, субверзивност и подготвеност да се употреби неограничен ресурс. На што мислам?

Мислам на "Фабрика"!

И сакам да ве потсетам на аферата со "Фабрика". Таа мега афера, како и се друго досега, кај нас си помина, поминува како да не било ништо. Секое чудо за три дена. Но мене ме загрижува. Ме загрижува од проста причина што истите оние новинари кои што наводно треба да ја информираат јавноста објективно и непристрасно, седат во некои мрачни простории и планираат како да настапува Владата во одредени ситуации. И не е јавноста, односно информирањето единствениот проблем. Втора работа што ме интересира е кој го плаќа тоа? Односно чии се парите? Кој одлучил со нашите пари од даноците што ги плаќаме така да се постапува. Оваа "Фабрика" плус тајната комисија за дискредитација која што ја има една влијателна партија од власта значат голема завера. Истовремено значат моќен апарат во рацете на неколкумина за остварување на пеколен план. Иронично ама погледнете само каква Фабрика може да работи во македонски услови.

Нашата олигархија (која што внатре во себе дарвинистички се стеснува) се повеќе се одвојува од сите нас. Стануваат врховни владетели во вистинската смисла на зборот. Сите нас не затвораат во автореферентен систем од кој што излегувањето е скоро невозможно, а тие стојат над него, над се. А во тој систем треба да послужиме како гориво да за трае што подолго истиот. Буквално како потрошна стока (стока). Секој ден гледам бескрајно многу изгубени луѓе. Бескраен ред на луѓе влегува во Фабрика, а од другата страна излегува - ништо. Нема никаква милост, никаква човечност. Како да читам некои протоколи во кои што се опишува јасно, прецизно без било каква човечност како треба да се владее по секоја цена и недопирливо. Упатените ќе знаат на кои протоколи мислам!

Неупатените се надевам дека ќе соберат сила да се заинтересираат каде тоа ние како нација, како единки навистина се наоѓаме. Се надевам дека постои се уште сила да освестувањето на поединецот допринесе за глобалната наша ситуација да се размрда. Сите ние имаме неоспорно право да го направиме тоа во интерес на нашите семејства, нашите идни поколенија. Зошто да не смееме да размислуваме слободно? Зошто го даваме нашето право на некој друг да ни ја сецира свеста и притоа да се смета за успешен затоа што тоа ние не сме го сфатиле.

Ме фаќа страв од методите што секојдневно ги гледам како се вежбаат врз сите нас. Нема ништо свето.

Само една работа ме држи во сила. Гледам дека има луѓе кои што ја разбираат оваа контролна драма. Се поголем е нивниот број... И покрај силината на притисокот, се чини дека мора да се случи токму обратното. Колку е посилен притисокот, толку е посилен отпорот.

И колку да се знае, ако веќе толку ги интересира "Како сме"? одговорот можат да го побараат околу секој контејнер, кај сите невработени, загрижени, избезумени... Јас пак сакам да одговорам во стилот на еден познат македонски блог -"Лошо, лошо".

(Авторот е политиколог)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани