Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
Јован Деспотовски
Цена на душата

Велат се има своја цена. Па дури и човечката душа. Во Светот на идеализмот, со пари, услуга или ветување веројатно нема да стигнете многу далеку. Но, за жал, светот во кој живееме е далеку од идеален. И, не поради обичните, често, без право, нарекувани мали луѓе, туку поради оние другите. Оние што водат или претендираат да го водат. Не сите, ама повеќето. Идеалите, преточени во некаква политичка платформа за нив се теглата со мед, на која треба да се "налепат" обичните луѓе и нивното мало богатство - гласот.

Феноменот на (зло)употреба на некои идеи, чувства, однос кон одреден период од минатото на оваа земја за печалење гласови повторно се појавува како еден од факторите во изборната трка што е на повидок. Овие идеи и чувства фино се спакувани во политичка платформа, која влече свој корен од некој минат систем, за кој не се сеќавам дека воопшто сме имале некоја суштинска дискусија. Овде, секако, не мислам на оние декларации за осуда на не знам што, кои деновиве се моткаат по Парламентот. Нив ги сметам да исилен обид за менување на историјата, преку вештачко вградување на туѓи солзи. Едно е факт, Македонија никогаш не била дел од Источниот блок, барем не според начинот и интензитетот на практикување на тоталитарна власт, параноја и насилство. Велам, не сме имале суштинска дискусија, а сепак дозволуваме факторот "носталгија", препакуван во "идеологија" да игра улога на фактор кој го определува демократскиот изборен резултат.

За разлика од некои, кои упорно типуваат на кусото помнење на народот, јас своето размислување го изнесувам токму врз база на сеќавањето од некои минати изборни циклуси, кога минатото ни ја определуваше иднината. Тогаш, спакувано во "балон ветувања", денес, реков, спакувано во "идеологија". И, сето тоа е во ред, бидејќи, нели живееме во демократија, каде што секој има право да понуди нешто свое на политичкиот пазар. Но, и вистинскиот, економскиот пазар има свои правила и принципи, кои мора да се почитуваат. Прв и основен, секако, купуваш (добиваш) она што го гледаш. Без измама и подметнување. Значи, нема она - "гласав за Циле, ама заглавив четири години со Бубе". Тоа, во функционална пазарна економија, се нарекува измама на потрошувачот т.е. во нашиот пример, гласачот. Плаќаш катализатор, а добиваш динамит, и тоа со запален фитиљ. Па, снаоѓај се...

Без намера да расчепкувам по причините за ваквото "реафирмирање" на некои диксутабилни практики од свежото изборно минато, ќе споменам едно. Многу луѓе во оваа земја уште сонуваат за минатото. Живеат некој свој сон, во кој сето она што беше убаво повторно ќе ни се врати. Го живеат својот живот во надеж дека "добрите стари времиња" ќе станат реална иднина. Дека повторно ќе тече мед и млеко и дека повторно ќе го имаме оној Стариот. Некои други луѓе, за жал, со поттикнување на овие соништа за минатото сакаат да ја освојат нашата иднина. Нудат идеал, пуританска визија на некои одамна надминати политички поделби на лево и десно, соништа, носталгија, чувства... Сето тоа во микс на некаква нова политичка платформа околу која треба да се обединат "прогресивните сили во оваа држава". Нудат чистота, а купуваат човечки души. И, не само со пари. Па, и ветувањето за враќање на "добрите стари времиња" е еднакво добро како и секоја конвертибилна валута. Ама, "идеолошки чисто". И, купувачот добро го знае тоа.

Знае и работи, а ние молчиме. Дозволуваме пред нос да ни се краде она што е наше - иницијативата, духот, оптимизмот, иднината! Со должно почитување кон "добрите стари времиња", ама време е да се изјасниме - Јас сакам да си ја живеам мојата иднина. Се во свое време, викаат старите. И, со право. Ако било убаво, нека си остане каде што е. Црвен пасош, голема држава, неврзаните, К15... Нивен живот, нивен проблем! Во крајна линија, токму тие што играат на оваа карта, се и најповикани да одговорат на прашањето - Ако беше толку убаво, зошто не успеавте да го задржите? Зошто мораше се од почеток? И, зошто моравме баш ние да ја платиме цената на транзицијата? Што не го направивте тоа вие и тогаш, кога беше полесно и поевтино?

Е, па а кога веќе ние моравме да почнуваме од ново, тогаш нема да дозволиме некој повторно да го натура старото. Особено не со безобзирно купување на човечки души. Принципи?! Можеби, ама само декларативно. Праксата зборува нешто друго. А, некои баш се залетаа. Стари, ама и млади. Нека им е со среќа. Само, нека не забораваат едно, - и Мајкл Џ. Фокс со она лудо возило со кое "шибаше" низ минатото и иднината, на крајот секогаш се враќаше назад - ВО РЕАЛНОСТА. Па, ќе видиме...

Се си има своја цена?! Хммм... Можеби, но едно нешто дефинитивно не! Прекрасното изненадување што деновиве ми го приреди мојата сопруга во форма на книжуле со моите текстови објавени во изминатите 12 месеци на страниците на "Дневник", ме убеди во едно - некои работи (и луѓе) навистина не може да се купат. Искрено благодарам.

(Авторот е советник во секторот за евроинтеграции)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани