Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
КОНЦЕРТ НА ЕСМА РЕЏЕПОВА
Кралска прослава на златниот јубилеј

Драги Јанковски


Требаше да помине половина век за да сфатиме дека таа нам ни е единствен лек. Од кај пак тргна оваа наша мајка, сестра, жена, човек со големо име, човек со големи букви. Кај тргна и кај стигна? Стигна дома, а секаде каде што одеше по еден грст светлина, топлина посеа, посади. Да беше еднаш, ќе беше и стопати и илјада. Се прашувам од каде таа сила, моќ, дарба. Со овие зборови од монодрамата "Есма", од Борче Нечовски, актерот Страшо Милошевски го отвори завчерашниот голем јубилеен концерт на примадоната на ромската и на македонската народна песна, Есма Реџепова-Теодосиевска, што се одржа во преполната Универзална сала во Скопје. Но монодрамата и песните не беа доволни да се опише целиот пат и големиот придонес што во изминатите пет децении Есма го остави како печат во историја на македонската и на ромската народна музика.

Песната и го одреди животниот пат на жената што на сите им се обраќа со "мило мое", на жената што е прогласена за Кралица на ромската музика, за милениумска пејачка, примадона на европското пеење. А "Зошто си ме мајко родила", "Сите девојчиња мамо се мажија", "Чае Шукарие", "Девла" се меѓу евергрините што живеат веќе 50 години.

"Живеј и весели не" беа пораките и поздравите од многуте видни личности, меѓу кои претседателот на Владата, Владо Бучковски, претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски, што и ги упатија на малата жена со големо срце и топла прегратка за целиот човеков род. Калиопи во името на членовите на Здружението на автори на музички дела "Шпато", објави дека ја номинирало Есма за престижната награда на принцот од Шпанија, а од клубот "Лајонс" најавија дека ќе побараат на Есма да и се додели дипломатски пасош како заслужен граѓанин и амбасадор на културата.

И како што таа милува да каже, "народот ме направи тоа што сум", Есма и на својот златен јубилеј не заборави на својата публика, на својот народ, па парите од скопскиот, но и од петте концерти што ги одржа во изминатата недела ќе бидат донирани за потребите на институциите што се грижат за лицата со посебни потреби, како и за други здравствени институции во земјава.

Блискиот и пред се мајчински однос на Есма кон своите обожаватели го обележа и овој концерт. Една од гостинките, подарувајќи и цвеќе, ја замоли Есма да ја прочита песната што ја напишала за неа. Есма од срце прифати и покрај негодувањето на организаторите, водителот и на дел од публиката.

Големиот јубилеј на Есма и на ансамблот Теодосиевски со песна им го честитаа и дел од нејзините колеги: Виолета Томовска, Наум Петрески, а со Адријан Гаџа ја запеаја евровизиската "Љубов е". Специјален гостин беше познатата Уснија Реџепова, која со блех-оркестарот од Врање ја крена публиката на нозе.

Убавата песна и ведрата Есма направија публиката цели два часа да биде весела, да пее, да игра и да и се заблагодарува со громогласни аплаузи.

И покрај тоа што Есма има одржано повеќе од 20 илјади концерти низ целиот свет, овој беше по многу нешта посебен, особено зашто беше во чест на 50-те години живот на македонската и светска музичка сцена. За крај, Есма најави дека ќе пее уште и преку Сателитскиот канал на Македонската телевизија, ги поздрави сите иселеници и ги замоли наскоро да се вратат во родна Македонија. Оваа година ќе биде во знакот на нејзиниот златен јубилеј - на 24 март ќе настапи во Копенхаген, Данска, а за мај најави продолжување на македонската турнеја со концерти во Тетово и во другите градови и со албум со нови песни.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани