Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ПРЕСУДА ЗА УБИСТВОТО НА СОПРУЖНИЦИТЕ ВО ДРАЧЕВО
Доживотен затвор за Кинез

Дваесет и двегодишниот Николче Гигевски викан Кинез вчера беше осуден на доживотен затвор за убиството на сопружниците Санде (72) и Цвета (75) Тодевски од скопското село Драчево. Пресудата на Основниот суд Скопје 2 предизвика бурна реакција во судницата и солзи во очите на неговата мајка. Во судницата беа присутни и роднини на убиените.

Кинез доби две поединечни казни доживотен затвор за двете кривични дела. Пресудата не е правосилна.

Гигевски на судењето, а и во завршни зборови пред судот изјави дека се кае за тоа што го направил и оти немал никаква умисла да го изврши ужасниот чин. Кинез вечерта на 3 ноември 2005 година им го пресекол вратот на сопружниците. Тој тврдеше дека бил пијан и дрогиран.

Санде во критичната вечер искрвави до смрт на подот од својата куќа. Неговата сопруга Цвета во наредниот ден ја пронајдоа соседите како лежи облеана во крв и во бесвест. Иако успеа да преживее, Цвета почина еден месец подоцна поради претрпениот шок.

- Кога влегов во куќата, бев многу пијан и под дејство на дрога. Со уште тројца другари претходно испивме околу 30 литри бамбус. Старите спиеја во собата и не ме забележија кога влегов. Во соседната соба видов сандак и пробав да го отворам. Одеднаш зад мене видов суета, која држеше нешто во раката. Од страв три пати го удрив со раката во која држев нож, а потоа го турнав на креветот - изјави пред судот обвинетиот Гигевски на почетокот на судскиот процес.

Откако го совладал Санде, тој и се нафрлил и на Цвета Тодевска.

- Старата почна да вика, а јас и кон неа замавнав со раката. Таа падна, а јас ги зедов парите и побегнав. Влегов кај нив за да крадам, а не за да ги убијам. Се каам за она што го направив. Знаев дека тие имаат пари оти земаат пензија, а Санде продаваше и зеленчук на пазар - изјави Кинез.

По убиството Гигевски со околу 60.000 денари што ги украл од соседите две вечери се честел во дискотеката "Планет" во Скопје.

Два дена подоцна полицијата го уапси осомничениот убиец.

На првото судење сведочеше и Вера Станоевска, една од трите ќерки на убиените.

- Не постојат пари на светот што можат да ја ублажат болката што ја претрпевме јас и моите сестри. Николче го одгледавме како свое дете и не можам да сфатам како можел да го направи овој ужасен чин - раскажуваше низ солзи Вера.

Гигевски бил сосед на семејството Тодевски и живее неколку куќи подалеку од куќата на убиените сопружници на улицата Партизански пат во Драчево. Николче е познат деликвент, кој добро знаел како да влезе во куќата на старците без да биде забележан. Тој во куќата пронашол дрвен ковчег, од кој ги зел парите што старците успеале да ги заштедат од својата скромна пензија.

Санде и неговата сопруга живееле со една пензија. Две ќерки живееле во странство, а една во Скопје. Против Гигевски се водат други судски постапки.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани