Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
АПЕЛАЦИСКИОТ СУД ВО СОЛУН
Намалена затворската казна на штипскиот камионџија

Апелацискиот суд во Солун му ја намалил осумгодишната казна затвор на македонскиот возач Мијалче Богданов (43), обвинет за трговија со дрога, за три и пол години. Според одлуката на судот, кој расправал по жалбата против првостепената пресуда, Богданов од грчкиот затвор ќе излезе по шест месеци. На возачот на штипски "Балкан експрес" казната му била намалена за една година врз основа на претресот по жалбата, а уште 30 месеци скратување добил поради примерното однесување во затворот. Штипјанецот Мијалче Богданов пред четири години од солунскиот Првостепен суд беше осуден на осум години затвор поради тоа во камионот со кој управувал грчката полиција пронашла еден килограм хероин. Оттогаш Богданов, кој е татко на две ќерки, ја издржува казната во грчкиот затвор во Катра, иако тој тврди дека е невин. На завчерашниот претрес во Апелацискиот суд во Солун присуствувале и неговата сопруга, неговиот татко, претставници на македонската амбасада во Атина и на нашиот конзулат во Солун и директорот на "Балкан експрес", Стојанче Костадинов.

- И сега се потврди дека Мијалче пред четири години не беше осуден за посредување и трговија со дрога, туку за невнимание поради тоа што не знаел оти превезува дрога. Двајцата полицајци што го откриле хероинот и очевидци завчера во своите искази сведочеа во прилог на нашиот возач. И покрај се, Мијалче е сепак задоволен од последната пресуда. Жалба нема да поднесе, бидејќи процедурата би траела подолго од шест месеци, а тој тогаш веќе ќе биде слободен - вели Костадинов.

Мијалче Богданов, за кого во "Балкан експрес" велат дека бил примерен и совесен работник, на 21 јануари 2002 година во својот камион транспортирал лим од скопската Железарница до солунското пристаниште. На враќање кон Македонија, кога стигнал до граничниот премин, Богданов добил наредба од својата фирма да го размени камионот на границата со негов колега, кој немал виза за влез во Грција и пак да се врати на истовар во солунското пристаниште.

Богданов со друг камион повторно тргнал кон Солун, но на 20-ина километри од границата бил сопрен од грчки полицајци, кои го пронашле хероинот помеѓу резервоарот и шасијата на приколката.

Во "Балкан експрес" тврдат дека се работи за класично подметнување дрога и оти Богданов најверојатно е жртва на наркомафијата. (Љ.Ш.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани