Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ЏАНГО АПСИ ПОЛИЦАЈЦИ ПО СКОПСКИТЕ УЛИЦИ
Пукотници, хероин и полицајци-дилери

Четворица наркодилери, меѓу кои и двајца полицајци, се уапсени со два килограма хероин по вооружена пресметка со единицата за организиран криминал завчера вечер во скопската населба Маџари. Запленетата дрога, која била наменета за улична продажба, вредела околу 70.000 евра.

Во престрелката, која почнала околу 21.30 часот кај Воениот базен во Скопје, а завршила на улиците во населбата Маџари биле уапсени полицајците Фитим М. (24) од Скопје и Али С. (25) од селото Шишево.

Другите двајца дилери, Халил М. (30) од селото Шишево и Муамед Б. (30) селото Љубин, кои се наоѓале во автомобил "голф" биле уапсени пред трговскиот центар "Бисер" во населбата Аеродром.

Првиот обид за апсење на полицајците Фитим и Али, кои биле во возило "опел калибра" во близина на Воениот базен завршил неуспешно. Дилерите впериле пиштол кон полицијата, го стартувале автомобилот и почнале да бегаат при што се обиделе да ги прегазат полицајците. За да се заштитат и да го сопрат "опелот", полицајците отвориле оган кон автомобилот, кој успеал да се провлече.

Во автомобилската бркотницата дилерите со голема брзина поминале покрај двајца граѓани кои минувале по улицата, но, за среќа, никого не повредиле. Потерата што се одвивала по скопските улици завршила со нова пукотница во населбата Маџари.

Возилото и бегалците присилно биле запрени на улицата Жан Жорес во населбата Маџари, при што по неколкуминутната престрелка полицајците-дилери биле уапсени. Во нивниот автомобил биле пронајдени хероинот и два пиштола во калибар од 9 мм.

- Истрели се слушаа околу 5 минути. Сите што беа на улицата се разбегаа. Ние чекавме во едно кафуле да се подзапрат истрелите, по што веднаш заминавме. На улицата имаше многу полиција, а асфалтот во темницата светеше од стакла - раскажува очевидец.

МВР најави дека против четирите лица ќе биде поднесени кривични пријави, а полицијата трага и по други лица замешани во трговијата со дрога. (Н.М.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани