Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ОСНОВЕН СУД КАВАДАРЦИ
Овчар осуден на три и пол години затвор за убиство на келнерка

Светлана Дарудова


Димитар Илов (63) од Кавадарци доби 3,5 години затвор за убиство од небрежност на келнерката Блага Божиновска (43) од Прилеп. Вака вчера одлучи кавадаречкиот судски совет,со кој претседаваше судијата Стојан Бојков. Судското вештачење покажа дека жртвата имала повеќе алкохол во организмот отколку убиецот.

Според обвинението, Илов се сретнал со Божиновска, со која подолго бил во интимна врска, ноќта помеѓу 21 и 22 декември лани во кафеаната "ОКАЛ" во Кавадарци. Во алкохолизирана состојба двајцата заминале во неговиот дом, каде што продолжиле да пијат. Таму Илов силно ја стегнал со рацете Божиновска за вратот, по што таа се задушила и починала.

Илов, кој работи како сточар во воената економија на полигонот Криволак, е вдовец и неколку години живеел сам. Тој ја познавал жртвата уште од пред дваесетина години, бидејќи таа била келнерка во неколку кавадаречки кафеани.

Според него, во критичната ноќ околу полноќ двајцата заминале во неговиот дом, каде што продолжиле да пијат ракија. Кога му се приспало тој си легнал, а таа продолжила да пие. Тој се разбудил околу 4 часот наутро и ја забележал Божиновска како лежи на подот облеана со крв, а панталоните и биле соблечени.

Илов се обидел да и даде вештачко дишење на жената, но таа веќе била мртва. Тогаш го пријавил случајот во полиција. Илов пред судот изјави дека му се случувало да се опива додека не е на работа, ама пијанството не му било лошо и обично легнувал да спие откако ќе се препие. Обвинетиот не можеше да објасни од каде крвта на ѕидот, на перниците и пердето и како настанале повредите кај носот, устата, главата и темето на жртвата. Тој негираше дека при увидот врз жртвата бил пронајден стол.

- Не сум сакал да имам секс со неа, а таа да се противела. Не сум ја давел - тврдеше Илов.

Веднаш по неговото апсење полицијата соопшти дека тој прво негирал, па потоа рекол дека ја задавил Божиновска откако таа одбила да имаат сексуален однос.

Одбраната на жртвата побара да се има предвид дека станува збор за млада жена, која била убиена насилно, а одбраната на Илов рече дека високиот процент на алкохол кај Божиновска го забрзало задушувањето.

Илов е ослободен од притвор, а по правосилноста на пресудата, притворот ќе му се смета во казната. По барање на одбраната на жртвата, судијата ги упати родителите и сестрата на Божиновска да почнат граѓанска парница за отштета.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани