Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
АМЕРИКАНСКИ КОНГРЕС
Петиција со 1 милион потписиза независно Косово

Петиција за независност на Косово со околу 1 милион потписи, прексиноќа во американскиот Конгрес предаде "Албанско-американскиот сојуз" предводен од поранешниот конгресмен Џозеф Диогарди, јави Макфакс. Во петицијата се повикува Белата куќа да ја признае волјата на еден народ, кој бара суверенитет. Документот му бил предаден на претседателот на Комисијата за надворешна политика на Конгресот Хенри Хајд.

- "Албанско-американскиот сојуз" не потсети дека Косово заслужува да биде независно - изјави Хајд. Според претставник на Сојузот, потписите за петицијата биле собирани околу две години од регионот на Косово и Балканот и таа содржи потписи и на стотици Срби и Роми.

Преговарачките тимови на Белград и на Приштина вчера во Виена ги почнаа втората рунда директни преговори за децентрализацијата на Косово. На дневен ред се финансирањето на новите општини, нивното меѓусебно поврзување и врските со властите во централна Србија.

Пред почетокот на сесијата, српската делегација му предаде протестно писмо на меѓународниот пратеник за Косово Марти Ахтисари, поради фактот што делегацијата на Приштина ја предводи Хашим Тачи, против кого во Приштина во 1997 е покренато обвинение за тероризам. Шефот на српската делегација Александар Симиќ изјави дека и покрај ваквата провокација на Приштина, очекува позитивни резултати од втората рунда преговори. Хашим Тачи, влегувајќи во зградата каде што се водат преговорите, изјави дека никој не може да ја запре демократската иднина на Косово.

- Мрачното минато на Косово ќе биде погребано утре со Слободан Милошевиќ - изјави Тачи за белградско радио Б92.

Политичкиот аналитичар Дукаѓин Горани, изјави дека фактот што втората рунда од преговорите за Косово почна на 17 март, годишнина од мартовските насилства кои се случија во провинцијата во 2004 година, треба да биде многу важен за преговарачкиот процес.

- Она што се случи на 17 март е темна дамка на политичката сцена на Косово и тоа треба постојано да им се повторува на Албанците. Факт е дека мартовските насилства, во кои загинаа 19 лица, а беа повредени повеќе од 900, беа експлозија на внатрешните фрустрации на косовските Албанци, кои се сведоа на омраза на неалбанското население - оцени Горани.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани