Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE

ДАНЕ ИЛИЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД
Реформски закони без реформски решенија за судството

Натали Н. Сотировска


Оптимизмот дека македонското судството ќе излезе од сегашната состојба на потценување, деградирање, недоверба и постојани критики не го напушта и покрај обидите на некои кругови да се политизираат одлуките на највисокиот суд на чие чело е тој. Но, вели, авторитетни и почитувани судови и судии ќе имаме само ако посериозно се пристапи кон трасирањето на правни основи за патот што треба да се изоди за да се стаса до Европа. Според правилото што се применува на сите избрани и именувани функционери, и неговото име се врзува за една или за друга политичка опција, но тој вели: "Најмалку што ни е потребно на патот што го избравме е мешање на политиката и политички договори за и околу судството".

lНеодамна, на една научна расправа за новиот Закон за судовите, премиерот Владо Бучковски рече оти не верува дека судството било под големи политички влијанија. Како долгогодишен судија, дали би му ја зацврстиле вербата на премиерот?

- Политички избори, лобирања, бизниси, корупција... Затоа и се прават реформите во судството. Не сакам да коментирам изјави на премиерот. Верувам дека најголемиот број судии се чесни. Но, има и девијации. Ние најдовме и разрешивме судии во чија работа наидовме на коруптивни однесувања, како што беше случајот со Кумановскиот суд. Но има и случаи кога укажуваме на такви однесувања на судии, а крајниот резултат изостана поради однесувањето и одлуките на други луѓе во други органи и институции. Веројатно граѓаните се сеќаваат на приватизацијата на битолски "Лозар", на случајот со Лотарија на Македонија, а имаше и многу други што останаа без потребната разврска и покрај судските одлуки.

lИма оценки дека во реформите во судството од почетокот, кога беше подготвена стратегијата, па се досега останале импровизации. Како Вие ги оценувате реформите?

- Судовите по својата природа не трпат чести промени. Во некои земји судската поставеност не се менувала и по 200-300 години. Состојбата во судството мора да се среди во една конзистентна процедура. Парцијални решенија не се дозволени. Мора да се направат радикални чекори за решавање на состојбите во судството, а не тоа да се прави кампањски и волунтаристички. Сметам дека претерано се брза со донесување на новите закони за судството, што може да доведе до негативни последици.



Скапа реорганизациЈа

на судовите



lОпштата седница на Врховниот суд еднаш негативно се изјасни за понудените решенија за новата судска организација во законот за судовите. Кои се забелешките?

- Општата седница на Врховниот суд оцени дека во понудениот текст на законот не е направен никаков реформски потег ниту на планот на организацијата на судовите, ниту во нивната надлежност, ниту во статусот и положбата на судиите. Напротив, законот е нејасен и недоречен, во текстот има грешки и, што е најважно, не нуди нови реформски решенија. За Врховниот суд не е прифатлив предложениот концепциски модел за организација на судовите. Ние сме против воведување посебни и виши судови кај кои би преминале постапките за кривични дела за кои е пропишана казна затвор над 10 години, стечаите, ликвидациите, статусните промени и слично, кои сега се во надлежност на основните судови.

lЗошто?

- Нема показатели дека таа организација значи реформа и ефикасност на новите судови. Предлагачот не ги дал финансиските импликации, а не кажува ни како тие нови судови кадровски ќе се екипираат. Врховниот суд смета дека овој концепт ќе претставува само ново финансиско оптоварување на и онака скромниот судски буџет. Од друга страна, менувањето на организацијата на судовите неминовно ќе се одрази и на статусот на досегашните судии и може да предизвика потреба од нивен генерален реизбор.

lШто предлага Врховниот суд?

- Една од најбитните работи е уште при првиот избор судиите да бидат избирани според материјата што ќе ја работат. Всушност, уште при конкурирањето за функцијата судиите треба сами да се пријават за судиски места на кои ќе решаваат казниви, граѓански, трговски или управни дела. Тие самите треба да се изјаснат што сакаат да работат, а не тоа да зависи од некои надворешни сили или од претседателите на судовите. Претседателите на судовите, пак, треба да имаат статус на прв судија. Тоа радикално ќе ја смени нивната сегашна позиција, кога тие не судат, туку се занимаваат со доставување, продавање и слични несудски работи.

lКаква организациска поставеност на судовите предлагате?

- Предлагаме да останат досегашните основни судови со првостепена надлежност, но да се поделат на оние што ќе имаат мала и на оние што ќе имаат проширена надлежност. Основните судови со мала надлежност би решавале казниви дела за кои се пропишани парични или казни затвор до пет години, би воделе подготвителни постапки и би суделе кривични дела казниви до пет години затвор што ги извршиле малолетници, би решавале за имотно-правни спорови со вредност до 500 илјади денари, постапки за утврдување или за оспорување на родителство, за издршки и слично. Такви би биле судовите во Берово, Виница, Дебар, Делчево, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Неготино, Струга, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Кавадарци, Прилеп, Кичево и Гевгелија. Основните судови со проширена надлежност, пак, би решавале за кривични дела извршени од полнолетни и малолетни лица казниви со над пет години затвор, потоа за дела против животот, имотот, државата и слично. Во граѓанската област тие би биле надлежни за имотно-правни спорови чија вредност е над 500 илјади денари, за трговски, односно стопански спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, за јавни набавки, стечаи и ликвидации и слично. Тоа би биле судовите во Битола, Охрид, Гостивар, Куманово, Велес, Струмица и Штип.

lКакво решение предлагате за двата скопски суда?

- Предлагаме еден од судовите во Скопје да биде за казниви, а другиот за граѓански и трговски дела. Сметаме дека треба да останат сегашните три апелациски суда, а не да се воведува уште еден. Доколку овој предлог не биде прифатен, алтернативата што ја сугерираме е да се формира еден виш суд со седиште во Скопје, кој би бил надлежен за кривични дела казниви со над 10 години затвор. По жалбите би одлучувал исклучително скопскиот Апелациски суд. Го поддржуваме решението за формирање посебен управен суд, но тој треба да има надлежност и за берзанските постапки.

lВо законот се предлага Врховниот суд да решава за барањата на странките за судење во разумен рок, за овие случаи да не одат во Судот во Стразбур?

- Врховниот суд треба да ја задржи досегашната надлежност и да одлучува по вонредни правни лекови. Треба да остане неговата одговорност за функционирањето на пониските судови и да одлучува за единствената примена на законите. Сметаме дека новата надлежност за решавање на предмети за судење во разумен рок не е оправдана бидејќи Македонија ја ратификува Европската конвенција за човекови права, со која ја прифати надлежноста на Судот во Стразбур за овие предмети. Освен тоа, новата надлежност може да доведе до нова неефикасност во постапувањето, а тоа да имплицира нови постапки пред судот во Стразбур. Ни ги земаат управните постапки што Врховниот суд го правеа неажурен, а ни даваат нови предмети. Не е јасно ни дали Врховниот суд ќе одлучува за вакви барања и за предметите за кои тој одлучувал. Наместо тоа, треба да се пропише дека Врховниот суд може да побара и да одлучува и за правен лек што се уште не е решен од пониските судови.



Како да се избира

првиот судски совет



lВо пакет со законот за судовите треба да се донесе и закон за новиот судски совет. Какво е Вашето мислење за овој законски предлог?

- Судскиот совет е судски орган што треба да се грижи за самостојноста и независноста на судовите преку нивниот избор и разрешување. Општата седница на Врховниот суд не го поддржува решението со кое тој совет станува надлежен да ги разгледува извештаите за работа на судовите. Со тоа се задира директно во самостојноста на судовите. Ова автономно право на судската власт треба да остане кај Врховниот суд. Спротивно на Уставот, во законот се предлага посебно мнозинство за избор на судија на подрачје каде што 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот. Правична застапеност да, но првостепени се стручноста и компетентноста. Ние сме против тоа актуелниот Републички судски совет да го избира првиот состав на новиот судски совет. Тоа е спротивно на Уставниот закон за спроведување на амандманите. Предлагаме тој избор да го изврши комисија во која ќе бидат министерот за правда, тројца судии од апелациските судови и генералниот секретар на РСС. Судската заштита при жалби би ја решавал совет од пет судии на Врховниот суд.

lШто е со судската администрација?

- Предлагаме целокупната правосудна управа да премине или во Министерството за правда или на судовите. Она што сега се предлага е некаква мешавина што нема да го реши проблемот. Најдобро би било таа да премине во надлежност на судовите, бидејќи би се погрижиле за нејзината модернизација и развој, а таа би ги презела сите работи што сега судиите ги вршат. Судиите треба само да судат, а судската администрација да обезбедува услови за тоа. Така е секаде во светот. Кај нас состојбата е заглавена. Ниту можеме да дадеме некому отказ, ниту да го прераспоредиме на друго место, а за нови вработувања одлучува Министерството за финансии. Извршната власт се уште владее со судовите.

lСиндикатот на вработените во државната администрација и правосудството Ве критикуваше како претседател на Врховниот суд дека не сакате со него да преговарате за зголемување на платите на судската управа?

- Го поддржуваме зголемувањето на платите на судската администрација. Платите се енормно ниски, а условите за работа многу лоши. Но не можеме за тоа да преговараме со Синдикатот, бидејќи платите на администрацијата не се во наша надлежност. Не е во прашање дали јас сакам или не сакам да преговарам. Не сакам во тие таканаречени преговори со оние што се нарекуваат "партнери" да бидам декор што ќе биде искористен за други цели. Мојата функција и авторитет не го дозволуваат тоа. Нека преминат нивните плати во наша надлежност и ние веројатно брзо ќе им го решиме проблемот. И не само тоа. Ќе вложиме и во нивната обука и едукација. Ние сакаме и ни треба модерна судска администрација и би ја направиле таква, но таа не е под судска "капа".


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани