Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ФУДБАЛ - КУП НА УЕФА
Фудбалски рај на Истокот

Дури 4 екипи од Источна Европа ќе настапуваат во четврт-финалето од Купот на УЕФА, откако во четвртокот Зенит, Стеауа и Левски ги елиминираа своите противници и му се придружија на Рапид Букурешт. Истовремено, меѓу последните 8 ќе нема италијански екипи, по поразите на Палермо и Удинезе.

Во четврт-финалето ќе настапува и нашиот репрезентативец Величе Шумуликоски, кој ги одигра последните 10 минути за Зенит, победникот во дуелот со Олимпик Марсеј. Победата од 1-0 на гостувањето во минатата недела се покажа како клучна за тимот од Санкт Петербург, кој овој пат како домаќин одигра 1-1 со екипата што во УЕФА-купот се пласира преку Интертото. Слабиот удар во 69 минута на Кержаков мина низ рацете на несмасниот голман на гостите, кои 5 минути подоцна успеаја само да израмнат со голот на Деу. Зенит за првпат ќе игра во четврт-финалето.

Покрај Рапид, Романија ќе има уште една екипа во ова натпреварување, по победата на Стеауа од 0-3 на гостувањето против Бетис, кој се чинеше дека е фаворит по одиграните 0-0 во Букурешт пред една недела. Николица го отвори резултатот во 54 минута, а потоа Шпанците останаа со играч помалку поради исклучувањето на Хоакин, кој го удри во лице Дика. Јакоб и Николица во 78 и 82 минута обезбедија сигурна победа.

Левски го "отпиша" Удинезе со 2-1, по нерешените 0-0 во Италија. Калчолигашот во првото полувреме поведе преку Тисоне, но Левски, кој сезонава како домаќин не е поразен во УЕФА-купот, во вториот дел направи пресврт со головите на Боримиров и Томашиќ.

Шалке е единствениот "преживеан" бундеслигаш во фудбалска Европа, по убедливата победа од 3-0 над Палермо, кој во Гелзенкирхен дојде со предност од 1-0. Клучниот момент се случи кон крајот на првиот дел, кога Корини со рака го задржа ударот на Крстаиќ, по што веднаш беше исклучен, а домашните го реализираа заслужениот пенал преку Кобијашвили. Ларсен и Азауах по паузата ја завршија работата за шампионот од 1997, кој во четврт-финалето ќе биде единствениот тим кој сезонава играл и во ЛШ.

На Базел му беа доволни 2-2 со Стразбур за понатамошен пласман, по победата од 2-0 на првата средба. Победникот беше решен уште во 26 минута, кога резултатот беше 2-1 за гостите, а вторпат во листата на стрелците се запиша Едуардо. Домаќините, кои сезонава најверојатно испаѓаат од Прва лига, ги постигнаа головите преку Карлие во 11 и Канте во 78 минута.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани