Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
РАКОМЕТ - ПРЕД ДЕНЕШНИОТ РЕВАНШ СО АСТРОК САГУНТО во Лигата на шампионките
Победата не треба да е "шпанско село"

Европскиот женски ракометен вицепрвак Кометал ЃП првпат сезонава ќе "брка" гол-разлика за пласман во следната рунда на Лигата на шампионките. Вечерва (18 ч. МТВ пренос) против Астрок Сагунто ќе мора да ја надополни негативата од 24-26 од првиот меч во Валенсија. Андриј Портној бил во ситуација да "брани" мала гол- разлика, независно дали како тренер на Кометал ЃП или селектор на македонската женска репрезентација.

- Астрок Сагунто не е тим што не можеме да го победиме. Цела недела се подготвуваме сериозно и ќе сториме се што ќе бара од нас тренерот - вели Наталија Тодоровска, капитенот на тимот.

За Портној најважно е да се игра дисциплинирано. Досега ракометарките играа променливо, некогаш "како по ноти", а некогаш сосема спротивно од укажувањата. Токму недисциплината, брзото завршување на акциите беше една од главните причини за поразот на првиот меч.

- Барам од ракометарките да играат дисциплинирано, со добра реализација. Барам брз пренос на топката и игра во одбрана, а не само враќање во одбрана - вели Портној.

Според досегашната традиција во ЛШ, ако Кометал ЃП го мине четврт-финалето, тогаш сигурно играат во финалето. Така беше во 2000 година, кога првпат скопјанки играа во финалето со Хипо, па во 2002, кога беа европски првенки, како и лани, кога станаа вицепрвенки. Мечот со Астрок Сагунто би требало да ја отвори повторно вратата за нов евроуспех, дури и со тим што има помало меѓународно искуство од оној од претходните години.



Во мислите е финалето



- Не размислувам за ништо друго освен за победа, и тоа со најмалку три гола. Се она што ќе биде со гол-разлика повисока од пет гола ќе ја покаже нашата сила и амбиции за финалето, а не само за пласман меѓу четирите најдобри екипи - изјави Валентина Радуловиќ, нашиот "универзалец".

Многу критика добија ракометарките по првиот меч во Валенсија, каде што пропуштија шанса барем да се вратат со реми. Со Шпанките, скопјанки сезонава играа двапати на турнир во Бад Урах, Германија, и нема непознаници меѓу нив. Тоа го покажа и првиот меч во кој Астрок одигра онака како што тренерот Портној и очекуваше, но поради сопствените грешки, ѓорчепетровки дозволија да бидат поразени.

- Не сакам ниту да се посомневам дека може да бидеме елиминирани. Тие доаѓаат во Скопје да ја потврдат победата. Тоа е мотив за нив, но и за нас. Убеден сум дека квалитетот е на наша страна. За мене поразот во Валенсија беше поради нашата слаба игра - изјави Трифун Костовски, спонзорот на тимот.



Шпанките се подобри

на гости



Астрок Сагунто сезонава во натпреварите во Ц-групата "им го зема скалпот" на гости на Будуќност и на Хипо. Послабо игра дома. Ова им беше кажано и на ракометарките на Кометал ЃП пред вечерашниот дуел, со цел тие да не се отпуштат предвреме, мислејќи дека лесно ќе се надополни разликата од 2 гола.

Доаѓајќи на реваншот во Скопје, Шпанките не размислуваат за предавање, барем според изјавите на ракометарките и управата. Напротив, сакаат да ја продолжат традицијата да бидат подобри во меѓусебните дуели со македонскиот тим.

- Во Македонија ќе се обидеме да ја покажеме нашата сила, играјќи силно во одбрана и брзо во нападот, особено во контрите - изјавил за шпанските медиуми Хозе Рамон Гаско, претседателот на Сагунто.

Иако последен пат меѓу себе играа во јануари 2003, дел од сегашниот состав на Астрок Сагунто памети каква атмосфера ги очекува во СРЦ "Кале".

- Знаеме дека ќе биде тешко на дуелот во Скопје пред таква публика, но долго време се подготвуваме за вакви мечеви во ЛШ. Мораме да играме добро и да ги сопреме контрите на Кометал ЃП - вели Ели Лопез, голманката на Шпанките.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани