Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ПОРАДИ НАТРУПАНИ ДОЛГОВИ ЗА ДДВ
На градските претпријатија им се заканува клуч

На дел од јавните претпријатија им се заканува клуч на врата поради огромни долгови за неплатен данок за додадена вредност. Јавното сообраќајно претпријатие "Скопје", "Комунална хигиена" и "Улици и патишта" заедно должат околу девет милиони евра за ДДВ и им претстои тешка криза поради големата финансиска дупка. Според најпесимистичките прогнози, големиот долг може целосно да го парализира животот во Скопје и да го остави градот без јавен превоз, нормални улици и без редовно одржување на хигиената.

Директорите на јавните претпријатија и градоначалникот Трифун Костовски вчера искажаа огромното разочарување од одлуката на Собранието да не го прифати предлогот за промена на Законот за ДДВ. Пратениците не го изгласаа амандманот за враќање на повластената даночна стапка за јавниот сервис, од 18 на пет отсто и ја одбија иницијативата на задолжените претпријатија, поднесена преку Стопанската комора.

Градоначалникот Костовски за алармантната состојба во претпријатијата ја обвинува државата.

- Апелирам до Владата и до Собранието да ја намалат стапката за ДДВ на јавните претпријатија на пет проценти, зашто од тоа буквално зависи нормалното функционирање на Скопје. Наталожениот долг ја спречува обновата на застарената механизација, а се одразува и на исплатата на личните доходи за вработените, кои сега доцнат по два до три месеци. Реално, скопските јавни претпријатија плаќаат ДДВ од 35 отсто, бидејќи Управата за јавни приходи прибира давачки и за пари, кои воопшто не се наплатени од граѓаните. Плаќањето данок воопшто не би бил проблем ако наплатата на услугите во јавните претпријатија е добра, но, за жал, не е - вели Костовски.

Тој истакна дека долгот за ДДВ многу полесно би се вратил ако државата си ги плати долговите кон јавните претпријатија. Само на "Комунална хигиена", владините институции и должат 2 милиона евра, а предничат министерствата за здравство, транспорт и врски, образование и одбрана.

Директорот на "Комунална хигиена", Златко Димовски, најави дека повторно ќе се обидат да го протнат амандманот за намалување на даночната стапка.

- Пратениците немаа слух за нашите проблеми. Тешкотиите почнаа во април 2003 година, кога ДДВ-то скокна на 18 отсто, а наплатата на сметките ни остана на 60 проценти. Во ваква ситуација не можеме да работиме нормално и да ги покриеме барем основните трошоци за работа. Состојбата би била далеку подобра, ако државата си ги плати заостанатите долгови и ни ги врати двата милиони евра, кои претставуваат една третина од нашиот вкупен долг - вели Димовски.

Најдлабока финансиска дупка има во ЈСП "Скопје". Од 2003 година досега ЈСП не платила 5,5 милиони евра за ДДВ.

- Долгот постојано се зголемува, а ние немаме пари да го вратиме. Работиме само на комерцијална основа, без субвенции и помош од државната и локалната власт, како што е насекаде низ Европа. Вака ни се заканува тотален колапс, бидејќи не ни останува ниту денар во касата. Само за илустрација, дневните приходи од продадените билети се едвај доволни да ни ги покријат трошоците за нафта. Бараме стапката за ДДВ да се намали или целосно да се укине - рече Орце Ѓорѓиевски, директор на ЈСП.

Од другите јавни претпријатија, "Улици и патишта" должат 700.000 евра за неплатен ДДВ, а "Паркови и зеленило", Водовод и канализација" и "Градски паркинг" засега редовно го плаќаат данокот.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани