Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
заврши ПРОДАжбата на дел од електростопанство
Австриската ЕВН го купи монополот на Дистрибуција

Слободан Содиќ


Австриската компанија ЕВН е новиот сопственик на "ЕСМ дистрибуција". Купопродажниот договор вчера го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и членот на Бордот на ЕВН Питер Леер. Австријците за 90 отсто од капиталот на ЕСМ понудија 225 милиони евра и ветија дека ќе инвестираат 96 милиони евра во наредните три години. Со тоа го добија монополот во дистрибуцијата на електрична енергија во земјава.

Нивната понуда беше највисока од трите пристигнати на меѓународниот тендер, кој заврши вчера во Владата. Чешкото електростопанство ЧЕЗ понуди 181,5 милиони евра и инвестиции од 62,7 милиони евра, а италијанското ЕНЕЛ скромни 40 милиони евра и 80,2 милиони евра за инвестиции. Според пресметките на тендерската комисија, ЕВН доби 256 поени, ЧЕЗ 201 поен, а ЕНЕЛ само 65 поени.

- Задоволен сум од понудената сума зошто е постигната највисока цена по инсталирано броило воопшто во целиот регион - изјави премиерот Бучковски по објавувањето на победникот на тендерот.

Австријците најавија дека во наредната недела ќе ги уплатат парите откако ќе се исполнат сите услови од тендерот. ЕВН има најголемо искуство во искористување на хидропотенцијалот за производство на струја. Во Австрија се целосно искористени сите водни потенцијали. Во соопштението објавено на интернет-страницата на ЕВН стои дека и во Македонија планираат да го искористат хидропотенцијалот, но и да инвестираат во инфраструктура за дистрибуција на природен гас.



за опозициЈата цената

е троЈански коњ



"Транспарентност Македонија" ја оцени продажбата на ЕСМ како нетранспарентна, а атикорупциската комисија одби да го следи отворањето и оценувањето на понудите зашто претходно беше условена да ја почитува клаузулата за тајност.

Опозицијата не ја одобрува продажбата на ЕСМ, но не успеа да ја спречи до влезот на Македонија во ЕУ.

- Навидум високата цена е типичен тројански коњ, кој Владата му го подари на народот, зашто цената долгорочно ќе ја платат сите граѓани и фирми во земјава - вели Владо Чинговски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој направи споредба на цената на струјата во Македонија и во Бугарија, односно во системите "Пловдив" и "Стара Загора" на кои сопственик е истата компанија ЕВН АГ.

- Дневната цена на струјата во Македонија е 4,07 евроценти за киловат-час, а во Бугарија се движи од 4,19 до 7,42 евроценти. Ноќната цена на струјата во Македонија е 2,035 евроценти за киловат-час, а во Бугарија без разлика на потрошувачката 4 евроценти - рече Чинговски.



задоволство во власта од понудената цена



Партиите на власт вчера изразија задоволство од постигната цена и од успешното завршување на приватизацијата.

- Неколкугодишната транспарентна процедура водена од Владата успеа да постигне цена од 225 милиони евра и инвестиции од 96 милиони евра. Цената од 300 евра за бројач е највисока цена постигната во регионот. Досега највисоката беше 250 евра само во еден регион во Бугарија - изјави Јани Макрадули, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Според него, со ова се поразени нихилистите, скептиците и политичките квазиексперти. Тој смета дека продажбата на ЕСМ ќе создаде стабилна бизнис-клима во земјава. Макрадули истакна дека на антикорупциската комисија и било дозволено да го види купопродажниот договор, но нејзиниот претседател Михајло Маневски сакал да биде портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

И министерот за труд Стевчо Јакимовски од името на Либерално-демократската партија смета дека целата постапка течела транспарентно бидејќи наместо со одлука на Влада приватизацијата се направила според Законот за преобразба на ЕСМ.

- Со доаѓањето на големата австриска компанија во Македонија ќе дојдат и други компании од ЕУ, меѓу кои особено интересни ќе бидат банките и осигурителните компании - изјави Јакимовски и додаде дека не очекува да има жалби за тендерската постапка поради големата разлика во понудите.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани