Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ВРХОВен СУД
Самка да ги врати парите за мотелот

Митко Јованов


Врховниот суд ја укинал пресудата на тетовскиот Основен суд врз основа на кој заменик-министерот за труд и социјална политика Самка Ибраимовски доби отштета од 480.000 евра за оштетувањето на неговиот мотел "Плави" во 2001 година. Врховниот суд побарал да се повтори вештачењето за процена на штетите. Ибраимовски смета дека предметот дошол на ревизија пред Врховниот суд под притисок на јавноста.

- Врховниот суд бара да се утврди фактичката состојба преку одделна процена колкава е штетата на градежниот материјал и ангажираната работна сила за изградбата на мотелот.

- Вештачењето е завршено и резултатите се исти како и во претходните две вештачења. Чекам да почне расправа во Основниот суд во Тетово, кој претходно пресуди во моја корист. Пресудата беше потврдена и од Апелацискиот суд по жалбата на Јавното правобранителство. И покрај повторувањето на судската постапка, очекувам судот пак да пресуди во моја корист и покрај можноста Јавното правобранителство да поднесе жалба, бидејќи тие се жалат на се и сешто. Мојата тужба против државата не може да падне, бидејќи вештачењето е исто и како претходните - изјави Ибраимовски.

Во тетовското Јавно правобранителство велат дека не се информирани оти имало вештачење по укинувањето на пресудата од Врховниот суд.

- Ако било извршено вештачење, треба да бидеме информирани и да ги добиеме резултатите. До овој момент немаме информации дека е извршено вештачењето - велат во тетовското Јавно обвинителство.

Според нив, Врховниот суд ја поништил пресудата затоа што мотелот на Ибраимовски бил дивоградба и тој можел да бара надомест само за штетите на градежниот материјал.

- Државата не може да обесштетува за нешто што се градело без дозвола. Ќе бараме да се пресмета и амортизација на градежниот материјал, за неговата старост до моментот кога бил оштетен. По завршувањето на судскиот процес логично е обесштетувањето да биде помало од сумата што државата веќе му ја исплатила. Тој ќе треба да ги врати парите со пресметана камата - објаснуваат во Јавното правобранителство.

Ибраимовски ја тужи државата и за претрпени штети поради тоа што мотелот не му работи. Се уште не е завршен судскиот процес за надомест на изгубените профити на Ибраимовски. Тој вели дека ќе следува вештачење за загубата поради неработење на мотелот.

Министерството за финансии му исплати 480 илјади евра отштета на Ибраимовски за мотелот што се наоѓал на патот од Тетово кон граничниот премин кај селото Јажинце. Мотелот бил изграден во 2000 година, а запален на 11 август 2001 година. Околностите за палењето на мотелот се уште не се разјаснети.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани